Николовски: Извештајот од ЕУ за напредокот во земјоделството е потврда за посветена работа

 

Последниот извештај на Европската комисија дава добра оценка во делот на земјоделството, вели ресорниот министер Љупчо Николовски.

Во денешното гостување на Телевизија 24 Вести, Николовски истакна дека ЕУ јасно нотира постигнат значителен напредок во сите области на земјоделството и руралниот развој, безбедноста на храната, фитосанитарната и ветеринарната политика, рибарството, како и во подготовките на Акцискиот план 2021-2027 за Националната стратегија за земјоделство и рурален развој, вклучувајќи ги и мерките за финансиска поддршка од Националната програма за развој на земјоделството 2023-2027.

-Во Извештајот се нотираат закони како донесениот закон за зоотехника, новиот закон за советодавни услуги кој е во собраниска процедура, подготвените закони за земјоделство и уредување на пазарите, за органско производство и новиот закон за рибарство кој е во владина процедура. Ова е доказ за посветената работа и труд што ги вложуваме како министерство, но и мотив да продолжиме со уште позасилено темпо, сигурно кон европското семејство. Извештајот исто така, јасно укажува и посочува, дека веднаш треба да престанат блокадите во Собранието и предложените закони да се усвојат во парламентот, рече Николовски.

Според него, Европскиот извештај јасно го констатира добриот напредок во руралниот развој и искористеноста на ИПАРД 2 програмата, новата програма за школски шеми во училиштата и градинките, напредок во контрола на болеста кај животните, развиениот нов фитофармациски информативен систем, новото ортофото снимање.

-Поддршката што ја добиваме од ЕУ е важна и придонесува во развој и модернизација на македонското земјоделство. Нашата цел е полноправно членство во Унијата, истакна министерот Николовски.

Тој ги коментираше и последните најави од ЕУ за вклучување на Западен Балкан на единствениот пазар.

-Тоа отвара можност македонските земјоделски производи да се пласираат на пазарот во Европската Унија, под истите услови како за земјите членки на Унијата. Тоа би значело дека македонската зелка ќе може да се пласира на пазарот во ЕУ под исти услови како зелката од Полска. Македоснкиот бостан да биде еднакво третиран како грчкиот. Македонскиот ориз и јаболката да добијат нови пазари, македонскиот производ да стане препознатлив и конкурентен  на пазар од 450 милиони потрошувачи, кои живеат во земјите членки на Европската Унија, напомена министерот. 

15.11.2023 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега