ВМРО-ДПМНЕ смета дека Филипче има политичка одговорност за Онкологија, според СДСМ – опозицијата ја политизира работата на Анкетната комисија

 

На првата седница на собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија од новиот 30-дневен рок, на која се разгледуваа стенограми од сведочења во изминатиот еден месец, опозициските пратеници на одговорност го прозваа поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Според нив, тој има политичка одговорност за случувањата на Клиниката затоа што не постапил по член 295 став 1 од Законот за здравствена заштита според кој министерот за здравство има обврска за надзор над законитоста на работењето на здравствените установи. 

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, членови на Анкетната комисија, сметаат дека е несфатливо тој да не знаел за незаконските набавки на лекови на реверс и за енормното задолжување, како и дека не знаел за постоењето на КАТО-системот - со кој  треба да се контролира „патот“ на скапата биолошка терапија за онколошките пациенти, а тоа им било познато на следниот министер Беким Сали и на актуелниот Фатмир Меџити. 

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека има спротивставени сведочења, зашто Филипче во излагање пред оваа комисија на 17 октомври рекол дека не бил запознат за случувањата, непостоењето протоколи и стручен колегиум на Онкологија, а дека поранешниот медицински директор на Клиниката, Нино Васев, како што рече, „ги демантирал исказите на Филипче" со своето сведочење кога кажал дека праќал извештаи до Кабинетот на министерот за здравство. 

- Од овие излагања имам констатација -  или за неговорење на вистината од Венко Филипче, дека не бил запознат со состојбата на Онкологија, или бил запознат, но тоа не сакал да го каже, рече Милошоски.

Според пратеникот Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ, не е можно Филипче ништо да не знаел за случувањата на Онкологија додека бил министер. 

-Знаел се, а не презел ништо, и затоа политичка одговорност од Филипче треба и мора да има, рече Коцевски.

Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е „навистина многу чудно“ тоа што речиси сите министри по Филипче знаеле, а тој додека бил министер не знаел дека постои КАТО-системот иако бил набавен во 2014, во времето кога министер бил Никола Тодоров, а Венко Филипче му бил советник.

Пратениците од СДСМ во одбрана на ексминистерот потсетија на сведочењата дека квалитетната биолошката терапија е набавена токму во мандатот на Филипче.

- Тоа е многу голем чекор и тоа е на барање на Здружението на онколошките пациенти. И самиот како поранешен министер во неговите изјави кажува дека во Онкологија се консултирал и целосно е во соработка со сите здруженија за онколошките пациенти... Не треба да заборавиме дека се соочивме и со короната и дека тогашниот министер Венко Филипче ја носеше целата одговорност на свој грб за време на целата корона, кога Клиниката за онкологија работеше непречено и ги услужуваше своите пациенти. Има многу аргументи кажано од сведоците дека овој поранешен министер направил многу за оваа Клиника, рече Даниела Маркоска од СДСМ.

На оценката од пратениците на  ВМРО-ДПМНЕ дека од Филипче треба да се бара политичка одговорност, Ненад Коциќ од СДСМ праша од кого треба да се бара политичка одговорност поради тоа што наместо за лекови за граѓаните, пари се трошеле за „шмизли и стиропор“. 

Коциќ на почетокот на седницата реагираше на излагањето на Милошоски откако тој одговорност за скандалот на Онкологија лоцираше кај Филипче, со забелешка дека се политизира работата на Анкетната комисија. Како што рече Коциќ, Милошоски  донел „личен заклучок" наместо Комисијата координирано да донесе заклучоци врз основа на материјалот собран од сведочењата.

Во новиот, дополнителен рок од 30 дена, членовите на собраниската Анкетна комисија треба да ги анализираат сите докази и материјали што ги добиле од институции и од искази на поединци кои беа повикани да сведочат во претходниот месец.

Со анализа на стенограми од изјави од сведочењата работата на Анкетната комисија ќе продолжи утре.

13.11.2023 - 16:03
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега