ЕК: Да се воведат поефикасни антикорупциски мерки во текот на циклусот на набавките

 

Северна Македонија е умерено подготвена во делот на јавните набавки и има постигнато ограничен напредок во извештајниот период, се посочува во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава за 2023 година.

Во документот се наведува дека капацитетот на клучните институции за склучување договори и на економските оператори треба да се зголемат преку континуирана обука.

 

-Националните власти треба да воведат поефикасни антикорупциски мерки во текот на циклусот на набавките. Директното доделување на договорот за изградба на Коридорот 8 и 10-д покренува загриженост бидејќи го иззема проектот од примена на Законот за јавни набавки, наведуваат од ЕК.

 

Според оценката во Извештајот, препораките од минатогодишниот извештај не биле целосно имплементирани и затоа и понатаму остануваат во важност, а се притоа даваат и препораки за надлежните институции.

 

Во наредната година, како оосбено важно се наведува да бидат усвоени законот за јавно-приватно партнерство   и законот за концесии, за дополнително усогласување на правната рамка во овие области со правото на ЕУ. Исто така, да се подобри координацијата меѓу клучните засегнати страни и да се зајакне нивниот капацитет за спроведување на принципите на транспарентност, слободна конкуренција, еднаков третман и недискриминација. Потребно е, се додава, и дополнително зголемување на употребата на критериумите за „економски најповолна понуда“ ('most economically-advantageous tender' - MEAT) при доделување договори и подобрување на мониторингот на постапките за јавни набавки преку пријавување и ефикасно следење на неправилности, случаи на конфликт на интереси и измамнички практики, стои во Извештајот.

 

Институционална поставеност и законско усогласување

 

Во контекст на правната рамка за јавните набавки, се наведува дека таа е во голема мера усогласена со правото на ЕУ. Практиката на пишување „црни листи“ на фирми поради професионално недолично однесување при фазите на набавки продолжи, иако тоа не е во согласност со правилата на ЕУ. Во 2022 година, 55 негативни референци се издадени против 50 економски оператори, од кои на 21 со истечен рок, а девет се отстранети од Бирото за јавни набавки. До крајот на 2022 година, активни биле 25 негативни референци во 2022 година, како и шест негативни референци издадени во 2018 и 2019 година. Допрва ќе се финализира и донесува законот за ЈПП, а се очекува и законот за концесии.

 

-Во март 2023 година, Владата одобри договор за изградба на автопатски делници долж Коридорот 8 и 10-д. Договорот беше директно доделен на меѓународен конзорциум без конкурсна постапка како ад хок Закон за определување на јавен интерес и Законот за именување стратешки партнер за реализација на проектот за изградба на инфраструктурен Коридор 8 и 10-д донесени од Собранието во 2021 година што го иззема проектот од примената на законот за јавни набавки. Во мај 2023 година Владата до Собранието достави на усвојување законски измени кои се неопходни за реализација на проектот. Овие закони беа означени со знамето на ЕУ заради забрзување на постапката, иако, се посочува, ова не беше соодветна употреба на постапката, се наведува во Извештајот.

 

Стратегијата за јавни набавки 2022-2026 година е во тек. Според првиот мониторинг извештај од 2022 година, 68 проценти од активностите се целосно спроведени, осум проценти се во тек и 24 проценти беа поместени за 2023 година. Бирото за јавни набавки (БЈН) продолжи да се модернизира и да го подобри системот за јавни набавки во земјата и да ги зајакнува перформансите и функционалноста на системот. Сепак, треба да се зајакнат  капацитетот, следењето и компетенциите на БЈН.

 

Бирото за јавни набавки и Министерството за економија продолжија со активностите за пристапување кон Договорот на СТО за државни набавки (GPA). На 7 јуни 2023 година, Комитетот за владини набавки донесе одлука за пристапување на Северна Македонија кон GPA.

 

Во 2022 година, Меморандум за разбирање за размена на информации и стандардизирање на процедурите е потпишан помеѓу Бирото за јавни набавки, Државната комисијата за жалби, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата. Ова треба да резултира со поефективна размена на податоци и информации со цел да се зајакне конзистентноста и интегритетот во спроведување на законската рамка. 

 

Капацитетот на Министерството за економија, како надлежно за концесии и јавно приватно партнерство, според Извештајот, останува ограничен. Во 2022 година беше склучен само еден нов договор за основање ЈПП. Сè уште треба да се формираат регистарот за ЈПП и регистарот за концесии.

 

Електронскиот систем за јавни набавки, оценува ЕК, работи ефикасно. И покрај развојот за платформа за е-пазар и за е-каталози, набавувачите покажаа мал интерес при користење на овој систем. Во 2022 година со е-пазар се склучени 70 набавки од мала вредност. Годишните планови за набавки на договорните органи редовно се објавуваат на електронска систем за јавни набавки. Модулот за електронска архива обезбедува интегритет на електронски постапки со чување на документацијата во оригинална електронска форма, додека модулот за е-поплаки предвидува електронска размена на податоци со жалбените постапки.

 

Капацитет за имплементација и спроведување

 

Во 2022 година, пазарот на јавни набавки изнесуваше 8,6 проценти од БДП на земјата во споредба со 11 проценти во 2021 година. Тоа претставува 25 проценти од државниот буџет. Капацитетот и на централните и на локалните договорни органи треба да се зајакне. Во однос на критериумите за доделување што се користат во постапките за јавни набавки, употребата на „економски најповолна понуда“ (MEAT) е сè уште ограничена. Во 2022 година, овие критериуми се примениле во само 1383 од 22 901 повици за набавки (6,03%). Потребна е организација на континуирани обука на договорните органи за тоа како да го применат овој критериум.

 

Доделувањето на договори и следењето на спроведувањето покажува дека употребата на преговарани постапки за набавка (број на постапки) паднаа на 6,6 проценти во 2022 година, од осум проценти во 2021 година. Проценката на користењето на централизираните набавки и рамковните договори од страна на Бирото за набавки е во тек. Процентот на вкупната вредност на јавните набавки доделени на мали и средни претпријатија се зголемија на 57 проценти во 2022 година во споредба со 53 проценти во 2021 година. Бројот на постапки на поништени тендери се зголеми на 31 процент во однос на 28,8 проценти во 2021 година. Во 2022 година просечниот број на понуди изнесува три понуди по тендерска постапка,  и приближно една третина од договорите беа доделени во тендерски постапки со една понуда.

 

Капацитетот за управување со процесите на јавни набавки треба дополнително да се зајакне, препорачува ЕК, особено од страна на локалните власти, за да се обезбеди покохерентен пристап во управувањето со циклусот на набавки. Квалитетот на тендерската документација останува предизвик за помалите договорни органи. Се забележува и дека регулаторните и институционалните механизми за интегритет и конфликт на интереси сè уште се недоволни. Не постои систем за проценка на ризикот вграден во циклусот на набавки за да се обезбедат навремени информации за можни коруптивни практики или за означување на неправилности.

 

Ефикасен систем за правни лекови

 

Законодавството за правото на правен лек е во голема мерка усогласено со правото на ЕУ. Но, капацитетот на Државната комисија за жалби е недоволен за постапување со бројот на жалби (967 во 2022 година, 1 109 во 2021 година). Потребен е дополнителен квалификуван персонал за да се обезбеди навремено процесирање на жалбите. Во извештајниот период поднесени се 83 претставки против решенијата на Државната комисија за жалби пред Управниот суд.

-За спречување на корупцијата, стратегијата за јавни набавки вклучува мерки за борба против корупција и конфликт на интереси. Сепак, следењето на извештаите со црвено знаменце објавени на веб-страницата на БЈН е недоволно. Земјата треба да ја подобри институционалната координација на Државната комисија за спречување на корупцијата со институциите за спроведување на законот за следење на наодите од извештаите со црвено знаменце, стои во Извештајот на ЕК во делот на јавните набавки.

12.11.2023 - 13:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега