Во Србија пронајдени околу 4.780 мигранти кои се криеле во пограничните области
Во соработка со Комесаријатот за бегалци и миграции, досега во прифатните центри се пренесени околу 3.300 нерегуларни мигранти.
– Од почетокот на акцијата, преку детален претрес на теренот, стотина полицајци пронајдоа осум автоматски пушки, пет пиштоли, околу 1.640 парчиња муниција од различен калибар, стотина странски пасоши и помала количина наркотици. Дополнително, пронајдени се осум скривалишта каде се криеле мигрантите и шверцерите, се наведува во соопштението на МВР.
Од почетокот на акцијата, полициските службеници контролирале 96.595 возила и 354 објекти, од кои најголем број во Суботица.
Во оваа акција уапсени се осум шверцери, а приведени се уште 139 лица за различни кривични дела.
– Поднесени се 19 кривични пријави за илегално преминување на државната граница и криумчарење луѓе, 11 кривични пријави за оружје, осум кривични пријави за неовластено држење наркотични дроги, како и 12 кривични пријави за други кривични дела, наведуваат од српското МВР.
Исто така, поднесени се 523 прекршочни пријави од Законот за странци, како и 98 прекршоци од Законот за гранична контрола.
Припадниците на Министерството за внатрешни работи, освен на север, засилени активности вршат и на југот на Србија, спречувајќи влез на нерегуларни мигранти од Бугарија и Северна Македонија. Министерството за внатрешни работи ќе истрае во оваа борба се додека не се реши проблемот со нерегуларната миграција и целосно не се прекине синџирот на криумчарење луѓе, се додава во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа