Полицијата со превентивни предавања за средношколци - да не возат без возачка дозвола
Неделава и во тетовските средни училишта започнаа планираните активности во рамките на превентивно-едукативниот проект „Не управувај моторно возило без положен возачки испит, почитувај ги правилата и прописите во сообраќајот и заштити се себеси и другите“. Стручно обучени полициски службеници на СВР Тетово веќе одржаа предавања во неколку училишта, а со кои беа опфатени ученици во втора година.
- Целта на проектот е подигнување на сообраќајната свест и култура на младите средношколци, кои неретко во Полог седнуваат зад волан и без претходно да посетуваат теоретска и практична настава и да го положат возачкиот испит. На овие предавања учениците беа непосредно информирани за ризиците и законските импликации доколку управуваат возила без претходно положен возачки испит и соодветна, валидна дозвола за тоа. Тие, исто така, беа запознати и со важечките правила и прописи во сообраќајот, а добија и повеќе практични совети и препораки за нивна поголема безбедност како учесници во сообраќајот, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Со овој проект ќе бидат опфатени 11 средни училишта со над 1500 ученици од втора година, а негов носител е Отсекот за превенција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа