НАТО одобри дополнителни сили за Косово
НАТО денеска објави дека одобрил дополнителни сили поради зголемените тензии на северот на Косово и ги повика „сите страни на итна деескалација“.
„Секогаш ќе се погрижиме нашиот командант да ги има ресурсите и флексибилноста потребни за КФОР да го исполни својот мандат“, се вели во соопштението на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, што го пренесува РСЕ.
На северот на Косово ситуацијата повторно се влоши поради конфликтот меѓу полицијата и вооружената група во Бањска, општина Звечан, во неделата на 24 септември, кога загинаа еден полицаец и тројца напаѓачи од српска националност.
По денешниот состанок на Северноатлантскиот совет за ситуацијата во Косово, сојузниците, како што се наведува во соопштението, изразиле длабока загриженост за зајакнувањето на тензиите на северот на Косово.
„Од мај го зголемивме присуството и држењето на КФОР. Вчера, на 28 септември, Северноатлантскиот совет одобри дополнителни сили за решавање на актуелната ситуација“, се наведува во соопштението, без информации за тоа колку дополнителни сили се одобрени.
Тие ги повикаа сите страни на итна деескалација.
„Продолжуваме да апелираме до Белград и Приштина да се вклучат во дијалог со посредство на Европската унија, како единствен начин да се решат отворените прашања и да се постигнат решенија што ги почитуваат правата на сите заедници. Ова е од клучно значење за трајната безбедност на Косово и стабилноста во регионот“, пишува во соопштението.
Мисијата на НАТО на Косово наведува дека продолжува тесно да соработува со сите релевантни актери во Белград и Приштина, како и со Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), ОБСЕ, Мисијата на Обединетите нации на Косово и дипломатската заедница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа