Од наредната недела мобилни апарати ќе покажат кој го загадува воздухот
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција истакна дека наредната недела се очекува да бидат испорачани два мобилни апарати за мерења и анализи на квалитетот на амбиентниот воздух.
Мобилните апарати ќе бидат поставувани на таканаречените жешки точки во Скопје, но и во другите градови низ Македонија, со што е се докажува поврзаноста на загадениот воздух и загадувачот.
- Апаратот, на пример, се поставува во една фабрика која се смета дека е голем загадувач и тој врши мерење во рок од 24 часа. Потоа се прави анализа на честиците и се гледа нивниот хемиски полнеж, односно може да се види дали содржат определени хемиски елементи кои се поврзани со она што го работи конкретната фабрика, односно нејзиното производство, рече Тодоров и додаде дека се докажува врската помеѓу загадувачот и загаденоста, затоа што се поставува на местото каде што е изворот на загадување и може потоа да се утврди хемискиот полнеж на ПМ честичката 10 и 2,5 и да се утврди дали е резултат на загадувачот каде што е поставен апаратот.
Министерот појаснува дека веднаш штом ќе пристигнат мобилните апарати, ќе бидат поставени во функција и постојано ќе бидат вршени мерења.
Мобилниот мерач ќе може да се пренесува во возило, мерењето ќе трае 24 часа во сите временски услови. Ќе може да се поставува на секое место за кое надлежните институции се сомневаат дека има извор на загадување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа