Кикиљас за невремето „Даниел“: Најекстремната појава во Грција во однос на максималното количество дожд

 

Според метеоролозите станува збор за најекстремната појава во однос на максималното количество дожд во период од 24 часа, од тогаш кога се води евиденција во земјава, истакна министерот за цивилна заштита на Грција Всилис Кикиљас за невремето „Даниел“, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас потенцираше дека во областа Загора во Пилио, што заедно со Волос е најпогодена од силното невреме, до 15 часот количината на дожд била 645 милиметри, додека пак проценката на метеоролозите е дека врнежите дополнително ќе се зголемат.

-Граѓаните треба доследно да ги следат упатствата на цивилната заштита, противпожарната служба и грчката полиција, бидејќи феноменот е во тек. Посебно внимание од сите и без никакво движење, порача надлежниот министер.

До сите оние кои се во Волос претпладнево преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака дека со одлука на полицијата е забрането движење, додека пак во 20 часот вечерва, граѓаните добија уште една порака со потсетување дека е во сила забраната за движење во целиот регион Магнисиа.

Противпожарната служба на Грција во периодот од 7 часот утрово до 17 часот попладнево, примила 690 повици за помош.

Рано утрово во поплавите во градот Волос животот го загуби едно лице, а едно се уште е исчезнато.

Невремето и силниот дожд предизвика сериозни проблеми и големи материјални штети во повеќе делови на Грција, а најпогодени се областа Магнисиа, како и островот Скиатос.

05.09.2023 - 21:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега