„Даниел“ направи голем хаос во Грција: Еден загинат и еден исчезнат во поплавите
Силно невреме ја погоди Грција, по налетот на циклонот „Даниел“, кој предизвика хаос на патиштата, а бурата носеше се пред себе, од автомобили, куќи, дрва, приколки во камповите… Како што пренесуваат грчките медиуми најпогоден е делот кај градот Волос и областа Пелион, а особено приморското село Агиос Јоанис. Од излеаните реки во таа област, поплавени се хотели и нивото на водата во нив опасно расте, над 1,5 метри. Хотелите се полни со гости, а поради невремето останаа без струја и телефонска мрежа.
Едно лице го загуби животот откако паднал ѕид врз него, а еден е исчезнат во поплавите во грчкиот град Волос, изјави портпаролот на противпожарната служба на Грција, Јанис Артопиос, јави дописничката на МИА од Атина.
Локалните медиуми од Волос објавија дека загинатиот е сточар на околу 70-годишна возраст, кој го загубил животот откако бил поклопен од ѕид што паднал поради лизгање на земјиштето, во моментите кога се обидувал да стигне до делот во кој ги чува овците.
Станува збор за прва жртва во Грција од невремето што ја зафати земјата, а засега, најпогоден е градот Волос.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција, зборувајќи за државната телевизија ЕРТ, рече дека постојат информации за уште едно лице, кое исчезнало со автомобилот и се трага по него.
Во градот Волос, сообраќајот по обиколницата беше во прекин, а возилата беа заглавени на висината на Пантесаликос и противпожарните екипи се обидуваа да ги ослободат возачите. Исто така, навлезе вода и во една соба од болницата во Волос.
Градоначалникот на Волос, Ахилеја Беос, излезе од Градското собрание и ги праша возачите зошто возат по поплавените улици, нагласувајќи дека луѓето биле предупредени за опасноста од поплави.
– Каде тргнавте?! Ова што се случува е лудо! Рековме 100 пати, ве молиме да не тргнувате. Каде одите?! Од вчера ви кажуваме, реките ќе се излеат, знаете ли дека доаѓа водата? Одете дома! – вели градоначалникот Ахил Беос во видеото објавено на Фејсбук.
Некои села останаа без струја, невремето собори дрвја, а граѓаните се повикани да не излегуваат надвор, освен ако е апсолутно неопходно.
Грчките медиуми јавуваат дека гром удрил неколку пати, додека во раните утрински часови, силен ветер ги погодил Општината Агија и брегот на Лариса, предизвикувајќи прекин на електричната енергија во многу околни села. Поплавите предизвикаа проблеми и на грчкиот остров Скијатос.
Според градоначалникот, патиштата се затворени. Тој побара од жителите да останат во своите домови и поднесе барање за прогласување вонредна состојба во Општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа