Груевски: Победуваме на избори затоа што го исполнуваме ветеното

 

Премиерот Никола Груевски на вечерашната трибина одржана во Штип говореше за сите ветувања кои ги имаат дадено кон граѓаните, пред се за зголемувањата на пензиите, платите, социјалните надоместоци.

-Во повеќе наврати ги зголемивме пензиите и во следниот буџет е вградено зголемување на пензиите за 5 отсто од месец март и сите други ветувања, одење на бањи, бесплатни превози, се е вградено зошто тоа е дел од наше ветување, кое го дадовме и го остваруваме. Иста таква грижа покажавме и за лицата од социјална категорија, за 5 отсто ќе биде зголемен изност и на социјалните надоместоци, а распишавме и оглас за вработувања на 1600 лица. Никогаш досега немало таква акција, ниту една влада не отворила за толку лица работни места, тоа е прв пат во историјата на Македонија да се отвори конкурс каде ќе им се даде можност на ранливите категории на лица да се вработат, нагласи премиерот.

Во новиот буџет, додаде тој, предвидено е зголемување на платите на јавната администрација за 5 проценти.

Во однос на проектите кои се однесуваат на Штип, беше посочено дека од февруари идната година ќе започне да се гради автопатот од Скопје до Штип кој ќе го намали времето за патување на 30 минути, а ќе стартува и изградбата на новата болница во Штип.

Груевски истакна дека како партија се внимателни со ветувањата, но тоа што ќе го ветат го исполнуваат.

-Не е случајно што ВМРО-ДПМНЕ седум пати победува на избори, затоа што сме внимателни со ветувањата, затоа што луѓето знаат дека тоа што ќе го ветиме се исполнува. За разлика од нас, нашиот политички противник ветува она што не може да го оствари, нагласи премиерот.

Тој се осврна и на заложбата за отворање на нови работни места, преку отворање на нови фабрики во Македонија, за што како што нагласи постојано се водат разговори со заинтересирани компании и се прават напори истите да се убедат да инвестираат.

Груевски во однос на членството на Македонија во ЕУ и НАТО потенцираше дека земјата е подготвена за преговори секогаш, па и тогаш кога ќе бидат НАТО и ЕУ подготвени.

На трибината во Штип покрај Груевски свое обраќање имаа и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

 

 

13.12.2013 - 22:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега