Над 400 жени жртви на семејно насилство во Грција ја инсталирале специјалната апликацијата на грчката полиција „Panic Button”

 

Од март годинава кога пилотски беше воведена апликацијата „Panic Button” на грчката полиција за помош на жени жртви на семејно насилство, до крајот на јули, веќе 466 жени во Солун и Атина побарале да им биде инсталирана, а 47 ја активирале бидејќи се нашле во опасност, соопшти портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду во интервјуто за телевизијата ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор специјална апликација на грчката полиција, за која како што рече Димоглиду, е скриена и не дозволува трети лица кои можеби имаат пристап до мобилниот телефон на жртвата да ја откријат и апликацијата.

Додаде дека во конкретниот период од март до јули, 1.686 жени се обратиле до полицијата за случаи на семејно насилство, а од нив само 466 избрале да им биде инсталирана апликацијата, објаснувајќи дека ги информираат жртвите на семејно насилство дека постои апликацијата и ја добиваат по нивна согласност.

-Овие бројки не покажуваат пораст на семејното насилство. Овие бројки покажуваат дека сѐ повеќе жени кои биле подложени на семејно насилство долги години, а не вчера, не еден ден пред да пријават, веќе ја информираат грчката полиција. И ова е многу позитивно бидејќи жените сега знаат дека постојат надлежни сектори и апликации за семејно насилство и секако центри за советување, кои можат да ги поддржат по пријавата и доаѓаат и го пријавуваат насилството, објасни портпаролката на грчката полиција.

Кон крајот на март годинава грчката полиција ја лансираше апликацијата „Panic Button” во Атина и Солун со цел справување со случаи на семејно насилство и им дава можност на жените жртви, откако ќе ја инсталираат апликацијата на нивните мобилни телефони, со притискање на едно копче, итно и безбедно да ја известат полицијата доколку се во опасност.

Апликацијата мора претходно да биде инсталирана и активирана во полициска станица и ги содржи сите податоци на жртвата на семејно насилство.

07.08.2023 - 17:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега