Паднаа пет лица во Грција за подметнување на пожарите
Пет лица се уапсени во Грција за подметнување пожари во Виотија, Илија, Јанина, Пела и Митилини, а министерот за климатски кризи и цивилна заштита, Василис Кикилијас најави строги казни за одговорните за подметнување пожар, но и за оние кои покажуваат небрежност кон животната средина.
Кикилијас најави дека казните ќе бидат слични на оние кои се применуваат за лица обвинети за злоупотреба на животни, пренесува грчкиот портал „ЕРТ“.
57-годишниот маж, кој беше уапсен и обвинет за подметнување пожар во Каленка во планинскиот регион Чумерка на запад од Грција, денеска ќе биде изведен пред истражните органи.
Локалните медиуми објавија дека тој наводно бил вмешан во два други слични случаи.
Другиот обвинет, 65-годишен маж кој беше уапсен на подрачјето на Илија на Пелопонез и обвинет за обид за подметнување пожар, им се извини на истражителите.
Според членовите на противпожарната служба, овој човек е уапсен во Пиргос при рутинска контрола и е осомничен дека се обидел да подметне пожар во тревата, на локалниот пат Ксирокамбу – Пефкеш.
Уште еден 20-годишен маж е уапсен и осомничен за подметнување пожар во областа Плака Делесио во општина Танагра Бојотија во западна Грција, која се смета за една од најопасните области за пожар.
Пожарникарите виделе како овој 20-годишен маж запалил корпа за отпадоци, а потоа го привеле и го однеле во истражното одделение.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа