Топлотен бран во Македонија, да се почитуваат препораките за заштита

 

 

Под влијание на топол бран во Македонија следува период на стабилно и многу топло време со дневни температури во поголемиот дел од земјава над 35 степени, а утринските во Скопје и во јужните делови нема да се спуштаат под 20 степени.

Особено топло ќе биде во четврток и петок кога наместа температурата ќе надмине 40 степени и ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури, известува УХМР.

Се препорачува да се избегнува излегување надвор во периодот од 10 до 17 часот. Во тој период да се избегнуваат физички активности, да се седи во затворени климатизирани простории.

При неопходен престој на отворен простор, да се избегнува директна изложеност на сонце. Да се носи светла и лесна облека, да се стават заштитни очила и капа.

Се препорачува консумирање на големо количество течности, најдобро вода, а да се избегнуваат алкохолни пијалоци и оние што содржат кофеин.

Да се внесува помало количество храна, таа да не биде мрсна и високо-калорична храна, да се избегнува и храна што содржи поголемо количество шеќер.

Хроничните болни, особено тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат многу дисциплинирани. За секакви промени на здравствената состојба, задолжително да го консултираат матичниот доктор.

„Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место, колку што е можно побрзо, и измерете ја својата телесна температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалок за да се рехидрирате. Ако имате болни грчеви во мускулите на нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на постудено место и напијте се течност што содржи електролити. Медицинска помош е потребна ако грчевите траат подолго од еден час“, се вели во препораките од Центарот за јавно здравје.

12.07.2023 - 09:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега