Адвокатка во „Софтвери“ ја искоментира пресудата и укажа на неправилности: Затоа правосудството кај граѓаните се перцепира како виц

 

 

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, бранител на Ивица Димитриовски, кој е професор на Факултетот за информациски технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и ангажиран во Генералниот секретаријат, ја искоментира пресудата за него во случајот „Софтвери“. Таа посочува дека се шокирани од пет годишната казна затвор, па додава дека доказите биле прибавени на незаконски начин. Смета дека нејзиниот клиент добил построга казна од државни функционери кои тргувале со богатство за помалку да седат во затвор. За правосудството – посочува дека се перцепира како виц.

„Во предметот “Софтвери” јас сум бранител на “обичен граѓанин” не на избрано или именувано лице односно на функционер. Сепак, нема ништо “обично” околу мојот клиент-тој докажано е вонредно стручен информатички инженер, професор, доктор на науки, еден од најдобрите во својата област. Self made-со свој труд постигнал се’, ничиј син или внук. Тоа што сме шокирани од досудената казна е малку важно во моментов. Тоа што треба да му биде важно на секој граѓанин е нефер борбата преку постојано омаловажување на процедурата низ чие густо сито задолжително треба да помине секој доказ за да се стигне до осудителна пресуда. Она што треба да го плаши секој граѓанин е отсуството на барање од страна на судот за строго почитување на протоколи и процедури за да можат резултатите од нив да се наречат докази па дури и под закана на пропаднати обвиненија“, напиша адвокатката.

Јошевска-Анастасовска тврди дека денешната пресуда е потврда на една многу опасна пракса која никако да се искорени од кривичниот систем, а тоа е отсуство на суштинска контрола од страна на судот над работењето на полицијата кога прибира докази.

„Потврда дека сеуште постои нераскинлива врска на беспоговорна доверба меѓу полиција-обвинителство-суд. Докази се прибрани од страна на полициски службеник надвор од било која процедура, но денеска добивме пресуда врз основа на нив. Тоа треба да го плаши секој граѓанин. Секој, подразбира и оние кои се дел од правосудниот и полицискиот систем. Бидејќи тоа што денес го толерираш утре може да дојде по тебе. Од друга страна, со денешната пресуда мојот клиент, кој има не само професионален, туку и беспрекорен личен углед, доби построга казна од лица кои без проблем имаа можност да тргуваат со богатство за да добијат полесна казна, а никој не испита како стигнале до такво богатство за 10 години како државни функционери и јавно се потсмеваа на целиот казнен систем со т.н “затворски туризам”. Затоа правосудството кај граѓаните се перцепира како виц. И затоа запросувањето е главната драма денес, а не висината на казните“, додаде таа.

Првообвинетиот Драги Рашковски е осуден на единствена казна затвор од осум години. Второобвинетиот Ивица Димитровски доби пет години казна затвор. На Игор Христов му е одредена казна од пет години и шест месеци. Четвртообвинетиот Даниел Станчев е осуден на 4 години. Ирена Ивановска доби три години и шест месеци, а хонорарците Игор Ивановски и Маја Силјановска добија по три години затвор. Казните ги изрече судечкиот совет, чиј претседател е судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.

Второобвинет е Ивица Димитровски, професор на Факултетот за информациски технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и ангажиран во Генералниот секретаријат. Се гони за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Според обвинението, иако изготвувал техничка спецификација за тендерите, истовремено учествувал и во постапките за јавни набавки за нив – во едната како изведувач, во другата како подизведувач. И Димитровски се товари дека ги враќал парите што му биле исплаќани од Генералниот секретаријат.

06.07.2023 - 20:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега