Потпишан договор за специјализација на македонски лекари во Хрватска

 

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Загреб потпиша договор со неговиот хрватски колега Рајко Остојиќ за соработка меѓу двете министерства со кои се планира во наредните три до пет години по десет македонски лекари да одат на специјализација во Хрватска. Ваквиот договор има за цел да и помогне на Македонија во воведување кадаверична трансплантација. 

Тодоров, истакна дека најнапред ќе се фокусираат на специјализации на македонски лекари во Хрватска, особено на специјализанти или лекари од внатрешноста односно од регионалните центри.

- Идејата е да испраќаме по 10 специјализанти или лекари годишно од различни области на полето на гинекологијата, радиологијата, дел од хирургиите односно она што сметаме дека е потребно за сериозно подигнување на нивото на квалитет во регионалните центри во Македонија и на тој начин тие да бидат како чувари на портите на терцијарното ниво односно на Клиничкиот центар во Скопје, односно да се намали бројот на препраќања на пациенти, рече Тодоров.

Посочи дека очекува голема помош од хрватските колеги и здравствените власти во воведување на кадаверична трансплантација особено на абдоменалната и тораковаскуларната, како и помош на Република Македонија на патот кон полноправно членство во Еуротрансплант. Додаде дека Планот ќе овозможи продлабочување на соработката на повеќе полиња во делот на здравството.

Остојиќ истакна дека Планот за соработка опфаќа низа аспекти во размена на знаења, искуства, здравствени експерти. Тој потенцира дека План за соработка потпишале со неколку земји и повеќето од нив направиле чекор напред.

- Ние сме регионален центар за трансплантација на органи во Југоисточна Европа. И ние можеме и треба да учиме од нашите колеги од Македонија. Очекувам и нашите медицински сестри и лекари да ги викнете на едукација и на доедукација. Македонскиот здравствен систем ги отвори вратите на приватниот капитал, постојат приватни болници во Македонија-општи и специјализирани во ортопедија, кардиологија и офталмологија, рече Остојиќ.

Очекуваме, нагласи тој, соработката да биде целосно двонасочна и размената на искуства и знаења да биде заемна.

- Знам дека на полето на кардиологијата и гастроентерологија сте на врвот во Европа, додаде Остојиќ.

11.12.2013 - 15:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега