СЗО: Почна Европската недела на имунизација
Светската здравствена организација во Северна Македонија соопшти дека денеска почна Европската недела на имунизација, настан кој од организацијата се опишува како од темелно значење за СЗО во годината на „Големото надополнување на пропуштеното“.
Од организацијата информираат дека во текот на оваа година се забележува загрижувачки пад на опфатот со вакцинација кај децата ширум светот, а многу од причините за овој пад, според нив, може да се припишат на влијанијата предизвикани од пандемијата со Ковид-19.
СЗО тврди дека во европскиот регион, како и насекаде низ светот, невакцинираните и нецелосно вакцинирани лица остануваат изложени на ризик од заразување со болести што може да се спречат, како што се малите сипаници, дифтеријата и детската парализа.
- Во Северна Македонија, опфатот во 2020 и 2021 година, како и прелиминарните податоци за 2022 година покажуваат дека некои деца пропуштиле една или повеќе дози вакцина, вклучително и првата доза вакцина против мали сипаници. Од суштинско значење е родителите да ја разберат важноста за надополнување на одложените или пропуштените дози на вакцини на своите деца, се вели во соопштението на СЗО во земјава.
Оттаму исто така велат дека заедно со Министерството за здравство на Северна Македонија, Националниот комитет за имунизација, Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје и здравствените домови кои обезбедуваат услуги за имунизација, а со поддршка од другите партнери на Обединетите Нации, СЗО има работено и на иденфикацијата на невакцинираните и нецелосно вакцинираните лица и на олеснувањето на пристапот до Ковид-19 и рутинските вакцини.
- СЗО ја поддржа и иницијативата за зголемување на достапноста до знаења за вакцинација на локално ниво која исто така почнува оваа недела. Поддршката е дадена и на вакцинацијата на лице место „од врата до врата“, преку распоредување мобилни тимови за вакцинација низ целата земја, а во исто време и делење информативни материјали за вакцинација, изработени врз основа на медицината базирана на докази. Овие напори ќе продолжат се додека сите што ги исполнуваат условите за вакцинација не бидат целосно заштитени, се вели понатаму во соопштението.
Со навршување на 75 години од основањето на организацијата, посочуваат од СЗО, преку соработка со националните власти како и со други многу бројни партнери, остварен е голем напредок на организацијата во европскиот регион во подобрувањето и заштитата на јавното здравје што во голем дел се должи, како што се вели, на ефективноста на вакцините.
Во однос на тоа, СЗО го наведува примерот на искоренувањето на дестката парализа уште од 2002 година во Европскиот регион, а во земјава, работата во однос на елиминацијата на ендемското пренесување на болестите како што се мали сипаници и рубеола, како и ХПВ вакцината што им се нуди на сите девојчиња од 2009 година, за заштита од карцином на грлото, на матката и други видови на карцином.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа