Студенти беа дипломати еден ден: Османи ги отвори вратите на Министерството за идните лидери

 

 

Приоритетите на Северна Македонија во рамките на претседателството со ОБСЕ, што значи за земјата активната дипломатска агенда оваа 2023 година, но и што е во фокусот на младите кога станува збор за иднината, беа темите на разговор на денешната средба на претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, со студентите.

„Дипломатијата не е само работа, тоа е начин на живеење, кој бара емпатија, креативност и храброст. Како идни лидери, вие имате клучна улога во обликувањето подобра иднина за сите и верувам дека ова искуство ќе ви помогне да станете посвесни, информирани и поодговорни глобални граѓани“, рече Османи пред студентите.

Османи истакна дека ставот на студентите за актуелните меѓународни прашања, како и за позицијата на Северна Македонија во геополитичките случувања, се важни за обликувањето на насоката во која ќе се движи земјата.

„Со активно вклучување на младите луѓе во процесите на донесување одлуки можеме да ги искористиме нивната енергија, креативност и страст за да се справиме со сложените предизвици со кои се соочуваме денес“, додаде Османи.

За време на посетата на МНР, студентите, покрај деталите за работата на МНР што ги слушнаа директно од министерот Османи, имаа можност да видат каде се носат одлуките за важните теми од областа на меѓународната политика. Исто така, студентите изразија интерес за тоа како Северна Македонија ја спроведува програмата поврзана со претседателството со ОБСЕ и клучните активности во периодот што следува.

20.04.2023 - 16:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега