Општина Кисела Вода: Ревизијата од ДЗР го потврдува недомаќинското работење на Темелковски за кое многу пати алармиравме

 

Како институција којашто инсистира на транспарентно и чесно работење, должни сме да реагираме за натписите што се однесуваат на извршениот увид на ДЗР за што медиумите наведуваат дека се однесува на 2021 година, период во кој на чело на оваа институција е Филип Темелковски, истакнуваат од Општина Кисела Вода.

„За ангажирањето и исплаќањето на огромни суми пари на лица кои само се појавувале на платниот список, а никој ниту ги видел, а уште помалку видел каква било сработена работа од нив, сегашниот градоначалник Ѓорѓиевски алармираше уште пред да стапи на градоначалничката функција“, додаваат во соопштението.

Појаснуваат дека како советник и претседател на координативната група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на општината, тој уште тогаш алармирал за недомаќинското работење што се случувало зад затворените врати на институцијата.

„Јавноста подетално ја информираше кога од граѓаните го доби градоначалничкиот мандат и веднаш излезе со детали околу затекнатата состојба. Наследената општинска каса со 3 милиони евра долг, со речиси никакви сработени проекти, со цели листи на општински вдомени роднини, пријатели, пријатели на пријатели, дури и лица со криминално досие кои за среќа или несреќа на останатите, само примале плата, но не се појавувале во Општината. Состојбата одела до таму што, како никаде во светот, градоначалникот Темелковски си исплаќал сам на себе финансиски средства за прекувремена работа, за што си постои уредна документација. Треба да се назначи дека во наодите од извештајот на оваа државна институција, не се работи само за незаконското ангажирање на скапи хонорарци кои не сработеле ништо. Ако детално се прочита ќе се види дека станува збор и за градење без постоење на одобренија или било каква документација, за низа забелешки, за кои градоначалникот Ѓорѓиевски и самиот алармираше и за кои веднаш презеде мерки.

Во прилог на претходно кажаното, на овој извештај жалба поднел поранешниот градоначалник Филип Темелковски и истата е одбиена. Утврдените неправилности веќе се надминати или се работи на нивното надминување, бидејќи целта ни е кај граѓните да ја вратиме довербата во институцијата. А довербата се враќа само преку завршени и спроведени проекти и искрен и транспарентен однос со граѓаните“, се подвлекува во реакцијата.

Потенцираат дека овој извештај за незаконско работење се однесува на периодот во кој на чело на Општина Кисела Вода бил Филип Темелковски. „Период, кој за среќа останува зад нас и кој го заменивме со нов транспарентен начин на работа, на решавање на децениски проблеми, на раздолжување на институцијата и враќање на нејзината финансиска кондиција. Токму затоа, ние како институција заедно со нашите жители од поранешниот градоначалник, бараме одговорност за потрошените пари на граѓаните и за нарушувањето на угледот на институцијата“, се дополнува во соопштението од Општина Кисела Вода.

18.04.2023 - 15:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега