Спасовски од Љубљана: Договорот ФРОНТЕКС е показател дека заеднички ни се и ризиците и одговорноста за креирање на меѓународната безбедност
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за време на својот престој во Република Словенија, одговори на поканата за учество на Меѓународната тркалезна маса, во организација на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии, како дел од циклусот „Западен Балкан и ЕУ“. Покрај министерот Спасовски, на темата „Како да го направиме Западен Балкан подобар и попросперитетен од сигурносен аспект“ свои дискусии имаа и министерот за сигурност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ и проф. д-р Зијад Беќировиќ, директор на институтот ИФИМЕС и модератор на дискусијата.
Коментирајќи ја почетната теза на проф. д-р Беќировиќ, дека Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина се земји клучни за стабилност на Западен Балкан, кој пак, повторно доби на важност во глобални рамки со оглед на новонастанатата геополитичка ситуација, министерот Спасовски истакна: „Имајќи ја предвид геостратешката поставеност на двете држави, кои граничат со земји членки на ЕУ, но сѐ уште не се дел од заедницата, чија безбедност на границите е посебно важна, како прв и последен филтер пред влез во европската капија, кои истовремено градат и негуваат мултиетнички и мултиклутурни општества - тезата е повеќе од оправдана!“, додавајќи дека агресијата од страна на Руската федерација врз Украина, меѓу другото, изврши влијание и врз политичките и безбедносните процеси врз регионот на Западен Балкан, во економскиот и енергетскиот сектор, особено на пазарот со електрична енергија, нафтените деривати и природниот гас, како и на пазарот со храна, додека падот на стандардот кај граѓаните остава широк простор за лесно регрутирање на нови членови во организираните криминални групи.
Осврнувајќи се на хибридните закани врз земјите од регионот, најмногу со лажни дојави за бомби по објекти, сајбер напади на институции и безмалку константна борба преку социјалните мрежи со ширење на лажни вести, дезинформации, говор на омраза, министерот Спасовски подвлече: „ МВР и сите безбедносни служби активно работеа во полн капацитет и безбедноста во ниту еден момент не беше загрозена. Тоа резултираше со поднесени кривични пријави против неколку лица, а разбиен е и еден кластер на лица кои биле вмешани во испраќањето на лажните дојави за бомби, за кои истражните постапки се сѐ уште во тек. Инаку, како што веќе знаете, дојавите не се само на наша територија, туку и во Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина.... што значи, практично, цел регион“.
Потенцирајќи дека руската воена агресија над Украина до овој момент нема директна рефлексија на состојбите со организираниот и сериозниот криминал во нашата држава, имајќи го предвид малиот број украински бегалци и семејства кои побарале засолниште во Република Северна Македонија, министерот Спасовски се осврна на секундарните последици од воените дејствија од типот на криумчарење оружје, акцизни стоки, злоупотреба на украински документи во врска со криумчарење мигранти и недозволена трговија со дрога.
„Во рамки на областа за недозволената трговија со оружје, во Република Северна Македонија во текот на 2022 година бројот на откриени кривични дела бележи зголемување за 12,4%, а бројот на сторителите е зголемен за 8,2%. За одбележување се активностите кои ги презема тимот за поддршка на EMPACT преку мобилизирање на оваа платформа за справување со закани кои произлегуваат од сериозен и организиран криминал, а поврзани со војната во Украина. Борбата против трговијата со наркотични средства и трговијата со оружје е еден од приоритетите во борбата против организираниот криминал и кон тоа сме насочени целиот изминат период. Значајни резултати во 2022 година постигнавме во оваа област за што говори и сузбивањето на 12 организирани криминални групи, 10 спречени меѓународни транспорти, седум откриени насади со марихуана и три лаборатории, а за одбележување се и откриените случаи на злоупотреби на контролирано производство на марихуана во правни субјекти. Притоа, беа запленети рекордни над 2,4 тони дрога, од која најголемиот дел марихуана, меѓутоа и хашиш, кокаин, хероин, амфетамини и околу 20 тони прекурсори за производство на синтетичка дрога“, рече Спасовски, додавајќи дека во рок од шест месеци беа спроведени две големи уништувања на дрога, со вкупно уништени околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци кои беа одземени во 2022 година по основ на правосилни судски одлуки донесени по завршени кривични постапки и судски решениja за нивно ништење.
Говорејќи за илегалната миграција како сѐ уште актуелна закана со која се справуваат земјите во регионот и пошироко, тој го сподели податокот дека лани во Северна Македонија се спречени се 27.394 обиди за илегални преминувања, најмногу на граница со Р. Грција-24.968 обиди, при што Граничната полиција имаше зголемена откривачка активност од 31,2% при спречување на обидите за илегални преминувања.
„И појавата на криумчарење мигранти бележи пораст, па зголемен е бројот на откриените случаи за 67,2%, а за речиси 80% е зголемен и бројот на спречени криумчарени мигранти -вкупно 1.454. Сузбиена е и 13-члена организирана криминална група, а најголем број од случаите, дури 73%, се откриени на нашата јужна граница“, посочи министерот Спасовски, најавувајќи дека од 1 април стапи на сила Договорот ФРОНТЕКС, а од 19 април, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и Република Северна Македонија стартуваат со заедничката операција на границата на Северна Македонија со Грција.
„Договорот ги опфаќа најзначајните аспекти на соработката помеѓу нашата држава и оваа европска агенција, кои се однесуваат на безбедноста на границите. Уверен сум дека многу брзо заеднички ќе ги констатираме придобивките од потпишаниот договор и неговото значење за контрола на миграциските текови, обезбедувањето на надворешните граници на ЕУ и безбедноста на границите во регионот на Западен Балкан. Важноста од операционализација на Договорот ФРОНТЕКС е показател дека во современиот свет сите споделуваме заеднички ризици и предизвици. Затоа и е неопходно да бидеме способни да го споделуваме и товарот во креирање на меѓународниот мир и безбедност и да инвестираме во него, од секаков апект, вклучително и од аспект на развој на полициските, воените и цивилните способности за безбедност и одбрана“, порача Спасовски од Љубљана.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа