Бектеши: Утре замрзнуваат цените за јајцата и оризот, нема поскапување за Велигден и Рамазан Бајрам
На утрешната седница Владата ќе ги замрзне маржите на оризот и јајцата на цени од почетокот на овој месец. Министерот за економија вели дека замрзнување на маржите за брашното и шеќерот нема да има, но очекува самите трговци да ги намалат цените.
„За замрзнување на маржите, утре на седница на Влада ќе се донесе одлука за замрзнување за оризот и јајцата, со цени кои биле претходно во текот на овој месец. За шеќерот и за брашнато, согласно податоците од Царинската управа за увозот и податоците од производителите, има намалувања на цените и нема да преземеме мерки. Во наредните денови очекуваме цените само да паѓаат. Ако тоа не се направи од трговците ќе следат дополнителни одлуки за цената на брашното“, рече министерот Бектеши.
Тој не ги кажа новите пониски цени на оризот и јајцата за да не остави простор одредени трговци да се подготват за одлуките и најави дека точната цена Владат ќе ја соопшти дента кога ќе биде донесена одлука.
Министерот уверува дека нема да дозволи зголемената побарувачка да ги крене цените за време на претстојните празници.
„За цената на јајцата најевтини сме во регионот, побарувачката е голема. Зголемување на цените заради зголемена побарувачка заради Велигден и Рамазан Бајрам нема да дозволиме“, најави министерот Бектеши.
Цените на јајцата и на оризот Бектеши вели дека ќе бидат пониски од оние што се денес на пазарот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа