Битиќи: За нас интересот на граѓаните е пред се, наскоро ќе бидат обзнаени нови мерки
Неморално и неетичко однесување на пазарот се коси со основните начела на пазарната економија и не може некој да не повикува зошто ние ги замрзнуваме цените ако однесувањето од другата страна било етички неморално и на грбот на граѓаните, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-За нас интересот на граѓаните е пред се. Веќе е донесена одлуката за намалување на одредени царински давачки за тестенини и производи од доматно пире итн. што би требало да придонесе да се намалат цените на овие производи. Се разговара и се прават последните анализи за одредени производи кои се во сегментот на млеко и млечните производи. И наскоро, мислам дека веќе наредните денови ако не следната недела ќе имаме нова листа на продукти кои секако ќе бидат обзнаени со нови мерки, рече Битиќи во одговор на новинарко прашање на паузата на конференцијата „Преку дигитализација кон нова генерација на регионална соработка“ што денеска се одржува во Скопје.
Не можеме, додаде, да дефинираме што е најповолна цена за граѓаните, но мерките коишто ги носиме, а тоа се субвенционирана цена на електрична енергија за прехранбениот сектор, имаше одреден ефект, меѓутоа не краен ефект и моравме да посегнеме по замрзнување на цените.
-Ние не сакаме да нанесеме штета кај стопанствениците, но сите ќе треба заедно да впрегнеме сили и да ги намалиме цените за граѓанинот да биде најмалку оштетен во овој кризен период. Идејата на давањето на субвенција не ни беше да овозможиме на компаниите да го зголемат профитот и тоа нема да биде дозволено. Замрзнувањето на цените не значи дека компаниите не генерираат профит, но нивниот профит е помал и тоа треба да им е јасно на сите. Дури и во замрзнатата цена на лебот од 33 денари има маржа на добивка која е профит за компаниите, но не е онаков каков што тие очекувале, истакна Битиќи.
Тој посочи дека во случајот со лебот имаше општествено одговорни компании кои сами понудија пониска цена од замрзнатата.
-Тоа е начинот како треба да се однесуваме. Во кризен период сите губат нешто, но и сите добиваат, а добиваат тоа што граѓаните ќе бидат задоволни и помалку ќе ја осетат кризата. Тоа е клучната порака, порача Битиќи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа