Битолската млекарница ги намали цените на најпродаваните производи

 

Битолската млекарница донесе одлука за намалување на цените на, како што информира компанијата, најчесто купуваните млека и јогурти од својата производна програма.

-Свесни сме за падот на потрошувачката моќ на граѓаните и со оваа одлука излегуваме пресрет на потребите на нашите потрошувачи. Како лидер на пазарот, Битолска млекара е одговорна компанија и ова намалување на цените ги опфаќа токму најпродаваните млечни производи за да се постигне ефектот на намалени цени кај населението. Иако цената на основната суровина, суровото млеко, бележи значителен раст во однос на истиот период минатата година, ова намалување во моментов е одлука да се помогне на нашите лојални потрошувачи, соопштија од компанијата.

Новите цени треба да се истакнати и во малопродажната мрежа низ државата и се очекува да се спроведат во текот на следните денови, по дотрошување на старата залиха на производи.

Владата минатата недела ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари до крајот на мај, а во Министерството за економија во тек се анализи кои треба да покажат дали ќе има замрзнување на цените и на други прехранбени производи.

– Сите производи кои се наведени во Одлуката за ограничување на маржата се анализираат. Во моментов конкретно се анализираат цените на тестенините и на млечните производи и најверојатно до крајот на следната недела ќе видиме што ќе покаже анализата и ќе донесеме соодветни одлуки, изјави министерот за економија Крешник Бектеши минатата недела.

06.03.2023 - 17:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега