Падна одлука: Обвинителството побара да му се одземе пасошот на вториот напаѓач на Пендиков
Основното јавно обвинителство Охрид побара да му се одземе пасошот на вториот напаѓач на секретарот на бугарскиот културен клуб Цар Борис Трети, Христијан Пендиков, а Бугарија да ја даде адресата на натепаниот за да биде повикан да сведочи.
На 19 јануари, осомничениот, заедно со уште едно лице против кое веќе се води постапка и е поднесено обвинение, од омраза поради националната и етничката припадност нападнале еден оштетен кој се изјаснувал како Бугарин, го удирале со раце и нозе по главата и телото и тешко телесно го повредиле.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на судот на сега осомничениот да му ги определи следните мерки – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за употреба на лична карта за преминување на државна граница, како и обврска да се јавува повремено – на секои 7 дена на определено службено лице или кај надлежен државен орган.
Осомничениот, исто како и претходно обвинетиот во оваа постапка, тврди дека има само македонско државјанство.
Во тек е собирање докази за проверка на наводите изнесени во поднесената кривична пријава против осомничениот. За правилно утврдување на фактичката состојба ќе биде неопходно и оштетениот да учествува во постапката пред обвинителството во својство на сведок. Со оглед на тоа, Основното јавно обвинителство Охрид ќе се обрати до надлежните органи во Република Бугарија за да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа