ССНМ и ЗНМ бараат објаснување од МВР и АЦВ: Новинари повикани на информативен разговор без претходно објавена забрана за дронови
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изразуваат загриженост поради повикувањето на информативен разговор на новинари, меѓу кои и претставници на меѓународни медиуми, по синоќешниот протест во Скопје.
„Според достапните информации, забраната за користење на дронови беше официјално објавена пред 20 часот, речиси два часа откако протестот веќе започна. Дополнително, во соопштенијата на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за цивилно воздухопловство, за градот Скопје воопшто не беше спомената ваква забрана. Ова отвора сериозни прашања за правната основа на постапката кон новинарите.
Согласно Правилникот за воздухоплови без екипаж (Член 7, Став 1), одредени зони можат да бидат ограничени поради безбедносни или други важни причини, но ваквите одлуки мора да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни навремено. Општата примена на забраната без претходно известување и врз цел град, како во овој случај, не е во согласност со оваа правна рамка.
Во интерес на јавноста, бараме од МВР и АЦВ да дадат јасно појаснување за следниве прашања:
1. Зошто забраната за дронови беше објавена дури откако протестот веќе започна?
2. Според најавата Скопје не беше опфатено, а новинари сепак беа повикани на информативен разговор?
3. По кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти?
4. Зошто медиумите не беа навремено известени за ограничувањата?
Очекуваме институциите да постапуваат транспарентно и во согласност со законите, со цел да се избегнат дејствија што можат да се протолкуваат како ограничување на работата на медиумските работници и слободата на медиумите и тоа за настани од висок јавен интерес. Воедно, апелираме до новинарите кои користат дронови да го прават тоа одговорно и со внимание, без да ги вознемируваат семејствата и блиските кои поминуваат низ тежок период, особено во наредните денови кога ќе се одржуваат погребите на починатите“, стои во соопштението од самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа