Забрчанец: Сите 120 пратеници треба да поддржат отстранување на работните дозволи во Отворен Балкан, економијата чека

 

За активирање на економската мерка со која ќе се овозможи слободно движење на пазарот на трудот, слободно движење на луѓе и услуги во бизнис секторот, потребно е уште да се помине филтерот на пратениците, кажа Марјан Забрчанец координатор за Слободен Балкан, во денешното издание на емисијата Стадион на Канал 77.

„Оваа мерка се однесува на бизнис секторот, приватните компании, не за државниот сектор. Тоа значи дека ако до сега за да одредени граѓани на Албанија или Србија работат во нашата земја, треба да аплицираат, да подготвуваат и поднесуваат документи, да бараат работна дозвола, да чекаат да поминат еден куп бирократски и административни мерки и обратно и од нашата земја ако некој сака да работи онлајн за албанска или српска компанија а притоа таму да добива плата и таму да биде пријавен пензиско и здравствено, повторно мора да минува по истите постапки. Сега со оваа мерка нема да има потреба од вадење на работни дозволи. Преку софтверите на Агенцијата за вработување (постои софтвер позадински), тие се веќе вмрежени меѓу трите земји, се вади идентификациски број на секој граѓанин од Отворен Балкан. Со тоа бројче фактички ве препознаваат системите на трите земји и веднаш можете да стапите во работен однос, се разбира ако ве ангажира некоја компанија,“ образложи Забрчанец.

Оваа мерка е возможна како резултат на потпишаните два  меѓународни договори меѓу две држави. Едниот договор се однесува на пазарот на трудот а другиот околу идентификацискиот број.

„ Кај нас за да стане правосилен тој договор треба да биде ратификуван во Собранието. Имаше извесно кочење и блокирање од страна на опозицијата, конкретно од Комисијата за надворешни работи, меѓутоа таа пречка е надмината и сега тој договор е стигнат на Пленарна седница и се очекува час поскоро сите 120 пратеници, кога ќе дојде точката на ред, да гласаат со  „да“ ,“ вели Забрчанец.

Додава дека веќе е потпишан и договор за меѓусебно признавање на дипломите меѓу трите земји од Отворен Балкан, а таков договор за признавање е потпишан и меѓу земјите од Западен Балкан.

Потпишан е и договорот за Фондот за филм, кој ќе значи вмрежување на копродукциите на Албанија, Македонија и Србија  и заедничко аплицирање до ЕУ Фондовите. Влезот на Косово во Отворен Балкан, Забрчанец смета дека ќе зависи од решавањето на ситуацијата меѓу Србија и Косово, додека Црна Гора веќе е на чекор до приклучување, зошто бизнисот тоа веќе го бара.

 

11.02.2023 - 21:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега