Ангеловска-Бежоска ‒ Агелер: Расте поддршката на банкарскиот сектор за инвестиции во обновливи извори на енергија
Најновите податоци за кредитната активност на банкарскиот систем укажуваат на солидна кредитна поддршка на корпоративниот сектор, 11,5 отсто во декември, при солиден раст на кредитите за инвестиции во обновливи извори на енергија. Народната банка досега презеде повеќе мерки за поддршка на финансирањето на овој сегмент, вклучително и измената на инструментот задолжителна резерва, а во моментов се работи на подготовка на Стратегија за зелени финансии во соработка со Светската банка. Инвестициите во овој сегмент ќе ја намалат ранливоста на македонската економија и ќе ја поддржат макроекономската стабилност. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Ангела Агелер.
Глобалниот енергетски шок значително ја погоди македонската економија во неколку сегменти. Со оглед на високата енергетска зависност и високата енергетска интензивност, овој глобален шок имаше голем придонес кон растот на инфлацијата, а истовремено придонесе за продлабочување на трговскиот дефицит. Всушност, повеќе од 80% од продлабочувањето на трговскиот дефицит се должи на енергетскиот трговски дефицит. За справување со оваа структурна ранливост, неопходни се инвестиции во енергетскиот сектор, а за тоа е потребна и поддршка од банкарскиот сектор којашто постојано се зголемува. Со оглед на тоа дека и покрај кризниот период, банкарскиот систем ја задржа солидната капитализираност и ликвидност, тој има капацитет и натаму да ги поддржува овие проекти коишто ќе помогнат за структурна трансформација на нашата економија.
Зборувајќи за макроекономските предизвици, како резултат на глобално високите стапки на инфлација и геополитичките тензии, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека за задржување на стабилноста е неопходно и натаму да се водат претпазливи макроекономски политики.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа