Петров откри од кои министерства СДСМ не може да се откаже

 

Членот на извршниот одбор на владејачката СДСМ, Андреј Петров вели дека неговата партија не е подготвена да отстапи клучни министерства во новата реконструкција и влезот на Алијанса за Албанците.

Во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител, Петров рече дека за очекување е носечката владејачката партија да не отстапи од клучните министерства од кои зависи работата и на самиот премиер.

-Министерството за внатрешни работи е најголемото министерство и најтешкото министерство. И тоа е министерство кое СДСМ го управува, и ќе го управува. Меѓутоа, и друга низа на сериозни институции за кои, да речеме, се поврзани со функционирањето на државата, како се Управата за јавни приходи, Царина кои се многу значајни за делувањето на системот. Се нешто што СДСМ како носечка владејачка партија би требало да се има разбирање дека е нешто што ќе треба да продолжи. Министерството за одбрана, едно клучно министерство кое го има, исто така, СДСМ и кое е навистина одлично посочено од страна на сите меѓународни претставници дека многу кооперативно соработува со НАТО структурите и дека е на линија на она што е колективна безбедност бидејќи ние сме земја-членка на НАТО и имаме одредена обврска кон нашите партнери, рече Петров.

Според него, тешко дека СДСМ ќе се откаже од Министерството за земјоделие и од Љупчо Николовски.

-Министерот е работлив човек, секојдневно го гледаме дека работи. Првпат, а долги години гледам дека нема некои значајни протести на земјоделците низ државата. Има секогаш проблем, меѓутоа, сме имале огромни протести на лозарите, тутунарите. Сега гледаме дека некои работи се однапред платени и дека некој ги планирал и дека со луѓето разговарал. Не велам дека нема проблеми, има нов систем кој се нуди во земјоделието. За Правда ви кажав, ако целта е да се бориме  против корупцијата треба да се видат кои се најдобрите можности, како да се бориме против корупцијата. Никој не може некого да условува, рече Петров.

Министерството за правда и претходно се најавуваше дека ќе „падне“ во рацете на партијата на Таравари. Лидерот на Алијанса постојано кога зборува за програмските определби говори за борбата против корупцијата, што дополнително ги потврдува тезите дека СДСМ ќе се откаже од министерот Никола Тупанчевски.

01.02.2023 - 20:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега