Анѓушев: Да се градат електрани од различни обновливи извори, а решение за вишоците струја се Чебрен, батерии и водород

 

Заинтересираните за изградба на електрани од обновливи извори треба да инвестираат во различни извори, а не само во фотоволтаици, порача претседателот на Македонската енергетска асоцијација, Кочо Анѓушев, на дебатата за енергетика што се одржа за време на годишната конференцијата во организација на Владата на Република Северна Македонија.

,,Треба да се водиме според ,,Стратегијата за енергетика до 2040-та година”. Во неа стои дека во инвестирањето во обновливи извори треба да се оди плански и стратешки. Односно, да се инвестира и во електрани на сонце, но и во електрани на ветер, на биогас, вода итн. Причината е што обновливите извори, а пред се тука се мисли на ветерот и сонцето, произведуваат електрична енергија во ист временски период кај сите електрани и со тоа настанува наплив на енергија во системот. Затоа мора да има диверзификација, за да нема целосно производствено поклопување”- нагласи Анѓушев.

Според Анѓушев, проблемот со наглото зголемување на производство на електрична енергија од обновливи извори е прашањето како и кога таа енергија да се искористи, односно или веднаш да влезе на мрежа или да се складира за одложено користење.  Државата мора да има спремен одговор, кој од сега треба да се подготвува.

,,Добар одговор е Чебрен, кој е планиран да се изгради како реверзибилна хидроелектрана со повторно искористување на водата за балансирање на системот; потоа да се уреди можноста за користење батериски системи за складирање на електричната енергија и како најиновативен пристап - вишокот електрична енергија да се претвора во водород и како таков да се складира”- подвлече Анѓушев.

01.02.2023 - 10:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега