Бугарскиот амбасадор им се враќа на дипломатските должности во земјава
Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов им се враќа на своите дипломатски должности во земјава, потврдуваат од македонското МНР.
Ангелов денеска во Скопје пристигнал со бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој се сретна со македонскиот колега Оливер Спасовски, и практично како што велат надлежните, останува во земјава.
Бугарското МНР минатата недела го повика Ангелов на консултации во Софија поради, како што информираа оттаму, „сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на актите и злосторствата од омраза против нив во последните месеци, а по последнниот инцидент во кој беше нападнат секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков“.
Македонското Министерство за надворешни работи изрази жалење за потегот на Софија да го повика на консултации својот амбасадор оценувајќи го таквиот чекор како „неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа