Маричиќ: Ќе го чуваме пријателството, но и ќе се штитиме од запаливи и понижувачки изјави како таа на Џамбаски
Нам ни е битно да функционираат институциите во вакви ситуации и инциденти, а тоа го покажавме на дело, оцени вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во гостувањето во Телма.
- Уапсени се сторителите, имаше институционална реакција, имаше и политичка осуда на тие инциденти и го чуваме пријателството, а токму тоа подразбира и да се заштитиме од запаливи и понижувачки изјави од страна на бугарските политичари, како што е Џамбаски. Затоа е многу важно да го чуваме пријателството со тоа што ќе внимаваме сите, од двете страни, што ќе изјавиме и да имаме институционална реакција на евентуалните инциденти, рече Маричиќ.
Тој додаде дека ако се задржи ваквата линија ќе може да се изгради една заедничка атмосфера, во која ќе може да ги отвориме уставните измени.
- Мислам дека во скоро време тие треба да бидат и формулирани и да видат граѓаните дека тоа не е ништо страшно за нашиот систем, но најважна ќе биде атмосферата во којашто ќе се одвива таа дискусија. Не сакаме да се повтори она што го имавме минатото лето, кога имаше запалива атмосфера, истакна Маричиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа