Истражување: Македонците месечно трошат 900 денари на дигитални услуги
Речиси една третина од испитаниците од државава опфатени со истражувањето „Нови дигитални навики“ на Виза трошат од 600 до 900 денари месечно (26,5 отсто) за да вршат работи преку апликации или виртуелни платформи. Секој втор испитаник (56 отсто) користи онлајн услуги неколку пати на ден и речиси секој (99 отсто) тоа го прави преку смартфон.
– Четворица од десет Македонци наведуваат дека нивните навики станале подигитални или се претежно дигитални, како резултат на пандемијата. За половина од испитаниците, приватното време е најдигиталниот аспект од нивниот живот. Една третина велат дека е работата, а за 15 отсто одговорот е забава, поради големото време поминато на останатите стриминг платформи, а само пет отсто ја користат за здравје, што подразбира закажување вакцинации и лекарски прегледи, онлајн обуки или следење на здравјето преку апликација, стои во истражувањето.
Речиси половина од учесниците во анкетното истражување ја имаат посочено „брзината“ како најважен фактор при одлучувањето за користење на виртуелни услуги (49 отсто), потоа „едноставноста“ со 27 отсто, „пристапноста“ со 22 отсто и на крај „безбедноста“ со помалку од еден отсто.
Денешниот потрошувач, покажува истражувањето, е подготвен да им даде приоритет на личната благосостојба и слободното време, наместо да прави сѐ пеш. На прашањето кој дел од нивниот живот значително ќе се подобри со поголема употреба на апликации и онлајн платформи, четворица од десет испитаници ја посочиле јавната администрација.
Во иднина, над една третина од испитаниците мислат дека нивните дигитални навики ќе се зголемат во работите поврзани со работата. На второ место се транспортот и здравјето (24 отсто) и финансиските услуги (20 отсто), како и купувањето, со истиот процент. Ова покажува дека Македонците се прилагодиле на дигиталните светски трендови и сакаат да ги вклучат практичноста и придобивките од дигиталната технологија во нивниот секојдневен живот, стои во истражувањето.
Меѓу главните платформи, секој втор испитаник најчесто користи е-банкарство и дигитални плаќања (51 отсто), платформите за стриминг се на второ место (30 отсто), а потоа следат апликациите за нарачка и испорака на храна (17 отсто), додека само еден процент од популацијата користат апликации за транспорт со такси.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа