Намажените и неженетите да плаќаат данок - еве што му предложија граѓаните на Груевски
Над 250 граѓани денеска презентираа свои идеи пред македонскиот премиер и владините министри. Најголем број од проектите кои ги предложиле граѓаните биле претежно за иновации и претприемништво, а доминирале и предлози за поттикнување на наталитетот.
Граѓаните и оваа година најмногу сакале да ги претстават идеите пред премиерот Никола Груевски, неговите заменици од економијата и финансиите, како и пред министрите од останатите ресори.
Владиниот портпарол Александар Ѓеорѓиев изјави дека за годинашната манифестација е карактеристично што има најава за многу граѓани кои сакаат да разговараат за проекти од областа на иноваторството и претприемништвото, со оглед дека се основа фонд за иновации и технолошки развој што треба да стартува со работа на почетокот на годината.
- Нема министер што не доаѓа во контакт со граѓаните. Има интерес за сите ресори и за сите министри, а некои од граѓаните сакаат да разговарат и со повеќе министри и тоа им е овозможено бидејќи со повеќе идеи ќе има повеќе проекти за реализирање и правење квалитетни мерки од кои понатаму ќе имаат корист што повеќе граѓани, изјави Ѓорѓиев.
Ѓорѓиев смета дека идеите се корисни за работата на Владата, која со оваа манифестација создава интеркација на институциите и граѓаните за извлекување на најдобрите идеи за проекти кои може да се преточат во конкретни мерки и активности.
Меѓу граѓаните што претпладнето ги изнесоа своите идеи во Владата беше Воислав Игнатовски, пензионер од Тетово. Тој предлага законска гаранција за згрижување од страна на државата на семејствата на сите што ќе загинат за нејзина одбрана, а немажените и неженетите вработени лица да плаќаат данок во износ од 40 проценти од просечната плата во државата.
- Во Македонија сме соочени со многу мал наталитет и многу немажени и неженети. Предложив да плаќаат данок во износ од 40 проценти од платата што ја земаат. Тоа да се применува и кај тие што се разведуваат и во иднина нема така лесно да има разделување, изјави Игнатовски.
Според Јосиф Билински, член на Здружението на пензионери интелектуалци од Скопје, Владата треба да овозможи снимање серијал за животот и делата на, како што рече, поетите револуционери од вториот Илинден.
- На пример може да се направи една серија само за Кочо Рацин и за неговата љубов со Раца бидејќи презимето го добил од нејзе, односно, за целиот негов живот. Има и споменици и Рацинови средби, но друго е кога ќе се направи серија. Тоа може да се направи и за Коле Неделковски и Ацо Караманов, изјави Билински.
Инжинерот Коце Николов, пак, предлага Владата да спроведе тестирање за македонските експерти со цел да се зголеми нивното ангажирање во производствениот сектор.
- Ако имаме кадар од странство за производство, зошто да не ги ангажираме нашите што ги имаме овде, со тоа што би направиле тестирање, изјави Коце Николов од Скопје.
Сите идеи од граѓаните што се собираат на Денот на идеи се разработуваат од страна на институциите, а оние за кои ќе се процени дека може да се реализираат се доразработуваат за наоѓање начин за финансирање, се определуваат носители на реализацијата, роковите за спроведување...
Од идеите што ги изнеле граѓаните на претходните вакви манифестации, укажа портпаролот на Владата, веќе се реализираат низа проекти од кои бенефит имаат граѓаните, стопанството и целата држава.
- Би можело да се наведат поголем број проекти, како откупот на дворовите по евро за метар квадратен, намалување на давачките за увоз на половни автомобили од странство за тие да бидат подостапни во цената на чинење, исто така идејата за завршување односно забрзување на процесот на денационалнизација, донесувањето на законот со кој се предвидуваат стандарди за квалитет во работењето на јавната администрација и државните органи, рече Ѓорѓиев.
По изнесени идеи од граѓаните, посочи, се реализирани и проекти за реконструкција на определени училишта, изградба на сали, набавка на апарти и медицинска опрема во јавни здравствени установи на клиниките во Скопје или во внатрешноста.
- Има голем број проекти што се реализирани или се во тек. Убедени сме дека ова што го правиме дава резултати, бидејќи има конкретни проекти што се реализираат, изјави портпаролот на Владата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа