Почнува фестивал на шумите во Берово
Во Берово денеска ќе стартува фестивалот на шумите Форест Фест.
Посетителите на дводневната манифестација со која Македонија се приклучува на одбележувањето на Европската недела на шумите, ќе можат да уживаат во разновидна програма.
Претседателот на Националното здружение на сопственици на приватни шуми Војо Соколовски вели дека од детската градинка „23 Август“ од Берово подготвуваат специјално изненадување за посетителите, а шумските работници со своите машини ќе демонстрираат што значи да се работи во шума.
Програмата на фестивалот нуди и музички настап на Етно Малеш и Етникум, дегустации на пијалоци и храна, изложба на цртежи и макети од основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“, изведба на Културно-уметничкото друштво од регионот, изложба на алатки за работа во шума, натпревар во шумарски вештини итн.
Форест фест, иако се организира прв пат, веќе се промовираше на регионално и меѓународно поле, а своето присуство годинава го потврдија посетители од Албанија, Бугарија и од Косово.
Европската недела на шумата е манифестација кој го промовира одржливото управување со шумите и има цел да ја подигне јавната свест за уделот на шумата во економијата.
Во тој контекст, на Форест Фест ќе има презентации за шумите и шумарството во Република Македонија каде ќе говорат претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Шумарскиот факултет од Скопје и Јавното претпријатие „Македонски шуми.“
Форест фест е во организација на Општина Берово и Националното здружение на сопственици на приватни шуми, а поддржан е од фондацијата Поврзување на природни вредности и луѓе - CNVP.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа