Доделени 11 решенија за национална пензија
Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска денеска додели уште 11 решенија за национална пензија. Со тоа, бројката се искачи на 59.
Во групата добитници на национална пензија се придружија архитектот Климе Коробар, кустосот-историчар Галена Куцуловска, ликовните уметници Владимир Георгиевски и Ставре Димитров, диригентот Ивица Зориќ, актерот Благој Чоревски, писателите Халил Зендели, Санде Стојчевски и Џабир Ахмети и поетите Михаил Ренџов и Веле Смилевски.
- Република Македонија денеска е земја со силен уметнички потенцијал, со автори кои создаваат врвни вредности и освојуваат многубројни признанија и награди. Сево ова е резултат на вашиот придонес, кој беше пример и порака до младите генерации за истрајност, трудољубивост и, секако, пожртвувано вложување во културата. Затоа најсрдечно, почитувани доајени, сакам да ви се заблагодарам за се што сторивте за развојот на македонската култура, истакна Канческа-Милевска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа