Претседателот Иванов испрати писмо со сочувство за смртта на Нелсон Мендела
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов испрати писмо со сочувство до претседателот на Јужноафриканската Република Џејкоб Зума, по повод смртта на Нелсон Мендела.
- Со голема жалост ја примив веста за смртта на големиот борец за човекови права, борец против злото на апертхејдот, поранешниот претседател Нелсон Мандела... Во период на неслобода и неправда, тој беше инспирација не само за неговите сограѓани, туку и за многу слободољубиви поединци во целиот свет. Храбро, гласно и истрајно спротивставувајќи се на дискриминацијата и нетолеранцијата во својата земја, тој се стекна со голем углед и почит кај многу слободољубиви народи низ сите меридијани, вели во писмото македонскиот претседател.
„Да се биде слободен не значи само да се отфрлат синџирите, туку и да се живее со почитување и унапредување на слободата на другите“. Иванов вели дека овие зборови од Мендела вечно ќе му останат во сеќавање на светот.
- Бидете уверени дека Република Македонија и македонските граѓани целосно се препознаваат во ова сфаќање на слободата, истакнува во писмото македонскиот претседател изразувајќи сочувство до граѓаните на Јужноафриканската Република и до семејството Мандела.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа