Укината пресудата за „Таргет-Тврдина“, Мијалков повторно во судница
Апелациониот суд денеска информираше ги уважиле жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“и ја укинале првостепената пресуда за случајот со масовното незаконско прислушување во УБК.
-Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-81/21, во јавноста познат како „Таргет- Тврдина“ , по одржана јавна седница, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Г.Г од С., Т.Ј од О., Г.Ј. од С., Н.Б. од С., С.М.од С., Н.Н. од С. и В.В. од В., изјавени преку нивните бранители и по повод жалбите и по службена должност ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, а жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна.
Апелациониот суд Скопје при разгледување на побивата пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик, стои во соопштението од Апелациониот суд.
Вкупно 55 години затвор и 10 години условен затвор за 11 лица определи Основниот кривичен суд во Скопје за обвинетите за предметот „Таргет-Тврдина“.
На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Судот на поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, во отсуство им изрече казна затвор од по 15 години.
Тони Јакимовски доби 6 години затвор,а Гордана Јанкулоска, пак, доби 4 години затвор.
Одлуката ја донесе донесе петчлениот судечкиот совет во состав од Џенета Бегтовиќ како прв судија, Владимир Туфегџиќ како втор и тројца поротници.
Скандалот за масовното прислушување во јавноста го обелодени лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 9 февруари 2015 година, преку проектот „Вистината за Македонија“. Вкупно беа објавени 38 бомби. Без судски налог прислушувани биле 4.614 корисници на телефонски броеви во период од шест години, меѓу 2008 и 2015 година.
Истрагата за предметот „Тврдина“ е отворена во март 2016, а за предметот „Таргет“ девет месеци подоцна. Првиот се однесува на уништување на опремата за прислушување, а вториот за незаконското прислушување. Подоцна предметот беше споен во еден. Обвинението на 20 страници со листата на докази беше поднесено во јуни 2017 година.
Во предметот „Тврдина“, на обвинетите им се судеше дека ги уништиле системите за следење на комуникациите двапати. Првиот пат веднаш објавата на првите бомби во февруари 2015 година, Горан Грујевски и Сашо Мијалков со тоа се обиделе да сокријат дека прислушувањето се одвивало во УБК.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа