Без напредок во односите со Бугарија: Мицкоски и Радев нема да разговараат во Будимпешта

 


Нема договор или најава за средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и бугарскиот колега Румен Радев во рамки на Самитот на Европската политичка заедница што денеска се одржува во Будимпешта, информира портпаролката на Владата, Марија Митева.

- Остануваме на ставот како што кажа и претседателот Мицкоски дека е подготвен за разговор во секое време со секој, со цел да се стигне до крајот на целта, рече Митева на прес-конференција во Владата.

За случувањата на Самитот и за евентуални средби, како што рече, јавноста ќе биде информирана преку соопштенија од владината прес-служба.

На Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, најавено е учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. 

Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски и Радев, на што македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори. 

07.11.2024 - 13:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега