Продолжуваат протестите на приватните автобуски превозници

 

Приватните автобуски превозници и денеска продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Според досегашните изјави од нивна страна, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје. Најавија дека блокадите може да се прошират низ повеќе сообраќајни точки во Скопје.

– Како што најавивме, денеска автобусите се паркирани и ќе бидат тука се додека нема напредок од состојбава, односно да не викнат на разговори и да си договориме за динамиката за исплата на заостанатиот долг, да продолжат неделните уплати за да можеме да се вклучиме на линија, се со цел да не трпат граѓаните, изјави вчера за МИА Кемал Муриќ од Слобода превоз.

Во текот на вчерашниот ден, преку објава на социјалните мрежи, Слобода превоз упати  извинување до граѓаните на Скопје за попреченото  движење низ градот.

– Слобода Превоз во име на сите приватни превозници се извинува до сите граѓани на Скопје кои денеска и се до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот. Приватните превозници бараат подршка од сите граѓани се со цел побргу да се изнајде решение на проблемот, стои во пораката на Слобода превоз.

Граѓаните во меѓувреме, беа принудени да најдат алтернативи во сообраќајот, но, поради зголемената гужва низ алтернативните улици и булевари, имаше застој во поголемиот дел од сообраќајниците во главниот град, додека дел од граѓаните одбраа да патуваат со велосипеди, тротинети, или пеш кон своите дестинации.

Директорот на Слобода превоз, Ленин Јовановски, во изјава за медиумите кажа дека блокадите на приватните превозници во Скопје продолжуваат сè додека не се седне на маса со градоначалничката Данела Арсовска и не се изнајде законски соодветно решение.

Тој побара и од останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем и најави дека е можно одредено проширување на протестите.

– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес, рече Јовановски.

06.12.2022 - 09:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега