Николовски: Ги мотивираме младите да останат и произведуваат дома
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со министрите за земјоделство од Југоисточна Европа учествува на Шеснаесетиот по ред годишен работен состанок, во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој, кој оваа година се одржува во Црна Гора, а на кој учествуваше и федералниот германски министер за земјоделство, Џем Оздемир.
Министрите за земјоделство од Југоисточна Европа на овој шеснаесетиот работен состанок, разговараа за продлабочување на регионалната соработка помеѓу земјите од Југоисточна Европа, како и за идентификување на меѓусебните потреби и интереси за постигнување на стратешки цели на Зелената агенда за Западен Балкан, кои потоа како ставови ќе бидат изнесени за Акцискиот план 2021/2030.
Во своето обраќање министерот Николовски нагласи дека единствено заедно и со меѓусебна поддршка можеме да обезбедиме одржливи системи за храна, да се бориме против деградацијата на агро системите и да го подобриме животот на нашите граѓани, кон почиста, побезбедна и поздрава иднина.
„Република Северна Македонија се покажа како сериозен партнер на Европската Унија преку спроведувањето на ИПАРД програмите. Со преку 97% искористеност на ИПАРД II Програмата, со повеќе од 300 потпишани договори со корисници на ИПАРД 2 и со речиси 2000 реализирани исплати по овие договори, Европската комисија донесе одлука за зголемување на средствата за ИПАРД III за нашата земја. од 60 до 97 милиони евра. Заедно со нашиот придонес за ИПАРД III, имаме на располагање вкупно 210 милиони евра во следните 7 години за инвестиции во развојот на земјоделството. Ја разгледуваме и можноста за започнување на нова политика на поддршка во земјоделството, со авансно плаќање од 50% за ИПАРД проектите. Северна Македонија ги интегрираше главните цели на Зелената агенда за Западен Балкан во сите мерки од ИПАРД III Програмата, со цел да придонесе за постигнување на нејзиниот Акциски план за периодот 2021-2030 година, особено во усогласувањето на земјоделско-прехранбената и примарниот производствен сектор со стандардите на ЕУ за безбедност на храната, промовирање на органското земјоделство и иновативни технологии, поддршка на инвестиции во обновливи извори на енергија и мерки за климатски промени во земјоделството“ истакна министерот Николовски во своето обраќање на шеснаесетиот работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа