ВИДЕО: Интервју на премиерот Груески за CCTV на англиски
Кој е моментално најголемиот предизвик на Македонија?
Кога дојдовме на власт невработеноста беше многу висока, изнесуваше 38%. Сега е околу 28%, значи помала за 10%. Тоа е најголемиот предизвик за нас, но со оглед на тоа дека ја намаливме за 10% во период на глобална економска криза и европската должничка криза е солиден резултат.
Сакаме да привлечеме стабилни инвеститори, домашни и странски, кои би отворале свои компании во Македонија и би вработиле луѓе.
На прв поглед Македонија е мала земја со два милиони луѓе, но со сите европски земји имаме договор за слободна трговија и секој кој нешто произведува во Македонија може да извезува во сите земји во Европа.
Македонија е навистина еден вид „порта“ кон Европа. Се обидовте да се приклучите кон Европската Унија и НАТО, но наидовте на блокада од Грција, а спорот со името е голем проблем. Грција не го прифаќа името Македонија затоа што во северна Грција има територија со истото име. Тие на ова гледаат како на територијална сопственост преку самото име. Каков е ставот на Македонија околу ова и до каде е спорот со името?
Пред 22 години кога Македонија стана независна земја, нашиот јужен сосед Грција го отвори прашањето околу името. Името на земјата, нацијата и јазикот. Сите се обидуваме да најдеме решение околу овој спор, зашто тоа е единствената причина зошто Македонија не е членка на НАТО и зошто Македонија во 2009 година не ги започна конечните преговори за целосно членство во Европската Унија, а да немаше такви проблеми денес ќе бевме дел од ЕУ.
Поради проблемот со нашиот јужен сосед Грција, кој е дел од тие организации и има право да стави вето, нашето членство беше одложено. А во меѓувреме, со поддршка од Обединетите Нации, ние се обидуваме да го решиме овој проблем.
Гледате ли некакво решение на повидок?
Не можам да кажам дека има сериозен напредок. Нашиот јужен сосед има сериозни проблеми во нивната земја, тие имаат сериозни финансиски и економски тешкотии. Концентрирани се на себе и не се доволно фокусирани на овој проблем. За нас ова е најголем проблем кој сакаме што поскоро да се реши, но очигледно не е така за нив.
Дали моментално за вас е проспект да се вклучите во ЕУ и ако е така, за каков временски период зборуваме?
-Има неколку решенија. Едното од нив е Грција да ни дозволи да се започнат преговорите и да продолжиме со барање на решение на нашиот билатерален проблем за време на преговорите, за што обично требаа 4-5 години. За во тие 4-5 години да имаме шанса да го решиме спорот со името, а истовремено да ги продолжиме преговорите за целосно членство во ЕУ.
Вториот пристап е пристапот кој моментално го користи Грција. Да не се дава шанса за започнување на преговори и да не се приклучиме кон НАТО пред спорот да се реши.
Мислам дека првиот е попродуктивен, но тоа зависи од нив. Тие се член, имаат право на вето...
Премиере, Македонија имаше голем успех со својата фискална и монетарна политика, успеавте да ја одржите инфлацијата, локалната валута денарот во однос со еврото е стабилен, а БДП е постојано стабилен. Ќе има ли вистинска корист од приклучувањето кон ЕУ, со оглед на тоа дека блокадата моментално не е баш стабилна?
Имаме стабилна макроекономска политика, имаме ниска инфлација, низок државен долг, валута која е многу стабилна. Приклучувањето кон ЕУ е важно за сите земји од југоисточна Европа. Најпрво, ги делиме истите вредности како европските земји. Имаме и фондови кои може да ги искористиме во развивање на земјата во следните години, што за нас е многу важно, како и за сите земји во регионот.
Гледате ли светло на крајот на тунелот, кога станува збор за кризата во еврозоната?
-Во изминатиот период имавме позитивни чувства околу европската должничка криза. Ако го поврземе тоа со нашата економија, можам да кажам дека во првиот квартал имавме пораст на БДП од 2,9%, а во вториот квартал БДП порасна за 3,9%. А тоа е добро, позитивно е. А ова е еден доказ дека работите во еврозоната и Европската Унија се подобруваат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа