Министерот Бесими утре во работна посета на Брисел - има зафатена агенда
Министерот за финансии Фатмир Бесими утре ќе престојува во работна посeта на Брисел, каде ќе оставари средби сo еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан и еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.
Посетата, како што информира Министерството за финансии, е во пресрет на активностите на Министерството за финансии за подготвување на најзначајните документи – Буџетот за 2023 година, Програмата за економски реформи, во која се утврдуваат реформите што се преземаат во наредниот период, а кои заеднички се утврдени со ЕК, како и подготовка на акцискиот план за имплементација на препораките од Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија за 2022 година.
Министерот Бесими на средбите, како што се наведува, ќе информира и за можноста за користење поволни средства од Меѓународниот монетарен фонд преку ПЛЛ програмата, а ќе биде покрената и иницијатива за буџетска поддршка за справување со предизвиците од енергетската и ценовна криза од ЕК преку МФИ.
– Посетата на министерот Бесими на Брисел е значајна и од аспект на започнатиот билатерален скрининг процес, по усвојување на Преговарачката рамка за РС Македонија и одржување на прватa Меѓувладина конференција, во процесот на пристапување кон ЕУ. Актуелната енергетска и ценовна криза, која има големо влијание врз економијата во земјата, мерките што ги презема Владата за справуање со кризата, но и реформите што земјата ги спроведува на патот кон целосна евроинтеграција и повисок економски раст, ќе бидат исто така дел од темите на кои ќе се разговара на средбите, се вели во соопштението.
Од Министерството за финансии нагласуваат дека поддршката од Европската комисија во спроведување на реформите е значајна, а ваквите средби се позитивен придонес кон нивна имплементација. Покрај реформите, на средбите ќе биде отворено и прашањето за помош од ЕУ за справување со последиците од енергетската и ценовната криза.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа