Лајчак: Грчко-македонскиот спор за името полесен од договорот Белград-Приштина
Министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак денеска во Брисел, каде престојува и макесонскиот министер за надворешни работи, Никола попоски, повика Македонија и Грција да се угледаат на договорот меѓу Србија и Косово кој било многу потешко да се постигне.
- Ние поддржуваме се што доаѓа од регионот, тука имаме внатрешен договор и да не заборавиме дека проширувањето е политички процес базиран на технички бенчмаркови, т.е. политичко-технички баланс. Да, постои брза и спора линија и во 2013 година, а Србија и Албанија одлучија од спора да преминат на брза линија, за што треба само политичка волја и ништо повеќе. Ментално префрлување. Но, други две земји, пак, се заглавени, а тоа се Македонија и Босна и Херцеговина. Тие треба да учат од храброста на српските политичари. Ако Белград и Приштина можеа да се договорат, тогаш босанскиот проблем со Сејдич-Финци и прашањето за името не е толку тешко и неможно да се реши, истакна Лајчак.
Лајчак додава и дека нема плачење за тешкотиите на проширувањето и забуни од процесот. Партнерите на Балканот се се повеќе посветени и национализмот и етнофобијата е заменета со разбирање и поддршка на европските вредности и подготвеност за компромис.
Од своја страна, и европратеничката Дорис Пак, која неодамна беше во посета на Македонија, а е исто така дел од конференција “Западен Балкан: Брза и спора линија” во организација на невладините организации “Пријатели на Европа” и “Конрад Аденаур Штифтунг”, истакна дека се зависи од земјите-кандидати, кои ако работат добро, побрзо ќе пристапуваат.
- Некогаш ако е споро, зависи од проблемите со кои земјите од овој регион се соочуваат, а за што не се виновни, како што е случајот со Македонија. Се додека името е пречка, Македонија е заглавена во евроинтегративниот процес. И затоа треба да се повика Европскиот совет да најде начин како да излеземе од оваа ситуација, оти лани имаше добра препорака, но потоа Советот не ја испочитува и не одреди почеток на преговорите со решавање на името во рана фаза од пристапните преговори, посочи Дорис Пак.
Во рамки на првата фаза од конференцијата, говореа и претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, како и Оливје Базил од “Репортери без граници”. Мијатовиќ истакна дека ситуацијата со слободата на медиумите на Балканот не е розова, за што ги обвини политичарите кои според неа, ставаат рака врз медиумите. Мијатовиќ ги издвои и Србија и Албанија, каде се уште има убиства и физички напади на новинари, како земји кои според неа “се движат во позитивна насока” во однос на медиумската ситуација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа