Поевтин леб и брашно за 10% по Нова Година?
Првиот човек на Здружението на мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора Горан Малишиќ вели дека по Нова година може да се очекуваат пониски цени на брашното и лебот.
– Ако владата овозможи мелниците и пекарската индустрија да добијат струја по цена од 80 до 100 евра за мегаватчас, за што веќе неколку недели преговараме, тогаш сигурно во декември цените на брашното и лебот ќе се стабилизираат, а веќе од следната година може да се очекува нивно намалување за 10 отсто. Се разбира ова важи, ако во меѓувреме репроматеријалите не поскапат. Засега кај репроматеријалите нема промени на цените. Сепак, дали ќе биде намалувањето на цените 10 или повеќе отсто одлучуваат компаниите зависно од своите трошоци и финансиските можности и од цената на струјата која ќе биде фиксирана од владата – вели Малишиќ.
Тој додава дека оваа помош на владата ќе овозможи да проработи мелничката индустрија која поради високите цени на струјата мораше да го запре производството.
– Моментално работат само мелниците кои произведуваат брашно за сопствени потреби. Останатите 70 отсто од мелниците во земјава се затворени поради високите сметки за струја. На пазарот го продаваме само брашното од резерви, а во маркетите го има и она од увоз, но очекувам по мерката да проработат мелниците – вели тој.
Од останатиот прехранбен сектор се воздржани во најавите за поевтинување на нивните производи, ако од 1 декември добијат поевтина струја, како што најави Бектеши. Регулаторната комисија за енергетика при последното поскапување на струјата, за малите потрошувачи утврди цена од 13,8 денари за киловат во висока тарифа и 10,1 денар за ниска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа