Стопанска комора: На економијата ѝ треба итна поддршка

 

Стопанската комора на Северна Македонија денеска повтори дека компаниите ја очекуваат ветената поддршката од Владата. Комората смета дека државата има тесен маневарски простор за финансиска поддршка на околу 1600 компании кои се на слободниот пазар на електрична енергија и затоа предлага да се разгледа можноста тие средства да се обезбедат преку намалување на непродуктивните трошоци во Буџетот. Порачува дека не треба да залажува моменталната цена на струјата на берзите бидејќи ниедна од причините за нејзин раст во иднина не е елиминирана.

-За да се одржат домашната економија и конкурентноста на домашните производи и услуги, и дома и во странство, но и за да ги зачуваат работните места, компаниите ја очекуваат поддршката од Владата која беше ветена, бидејќи бизнисите претрпеа финансиска штета плаќајќи сметки за струја некаде и до шест пати повисоки од минатогодишните, соопшти денеска Комората.

Директните средби на коморското раководство со компаниите во изминатите денови  покажале дека енергетската криза има силно влијание врз конкурентноста на македонската економија и со тоа компаниите тешко ја одржуваат ценовната ликвидност на своите производи и услуги на странските, но и на домашниот пазар.

-На компаниите им е потребна извесност и предвидливост, а таа може во овие услови да се обезбеди со неколку работи. Не треба да не залажува моменталната цена на струјата на берзите бидејќи ниедна од причините за нејзин раст во иднина не е елиминирана, велат од Комората.

Нашите согледувања, потенцираат, се дека државата има тесен маневарски простор за финансиска поддршка на околу 1600 компании кои се на слободниот пазар на електрична енергија и затоа предлагаме да се разгледа можноста тие средства да се обезбедат преку намалување на непродуктивните трошоци во Буџетот. Тие непродуктивни трошоци можат да се пренаменат за поддршка на компаниите, за зачувување на работните места и за зачувување на нивната конкурентоност на регионалните пазари.

Комората укажува дека е потребно откочување на голем број закони кои се во собраниска процедура, а кои се од интерес за бизнисот и кои можат да ги намалат негативните последици од енергетската криза врз компаниите, како што се Предлог-законот за гаранција на РСМ на обврските по договорот за заем за финансирање на проектот за поддршка на ликвидноста на АД „ЕСМ“ Скопје во услови на енергетска криза, кој треба да се склучи меѓу ЕБОР и ЕСМ (заем во износ до 100 милиони евра) и Предлог-законот за градење со кој треба да се олеснат постапките за добивање одобрение за градење фотоволтаични централи.

Исто така и Законот за управување со отпад, со цел користење алтернативни извори на енергија, но и Конвенцијата ПЕМ, која е потребно да ја ратификува Собрание бидејќи е од особено значење за бизнис-заедницата. Таа ќе им овозможи на компаниите да ги користат привилегиите од ревидираната Конвенција ПЕМ за извоз на пазарите на ЦЕФТА, каде што, меѓу другото, се укинува забраната за враќање на царината за суровини без потекло, со што им се намалуваат трошоците на извозниците, кои би станале поконкурентни на пазарите во регионот. Во услови кога стопанството се соочува со негативните последици од зголемените цени на енергенсите,  посчува Комората,секоја активност што придонесува за намалување на трошоците на нашите извозници е од особено значење.

Стопанската комората повторува и дека е потребно одложување на примената на прогресивното оданочување, кое, во согласност со актуелната даночна регулатива, треба да стапи во сила од 1 јануари 2023 година. Уште еднаш укажува и на тоа „да се изнајдат механизми за забрзано носење на подзаконските и на другите акти потребни за користење на енергијата во систем од веќе изградените фотоволтаични централи, која сега се употребува само за сопствени потреби“. Инсистира Уставниот суд, како што вели, да ја изврши својата функција и да ја оцени уставноста на Законот за работни односи до делот на недела неработен ден, бидејќи се наоѓаме во сосема други услови од времето кога е донесен законот.

-Стопанската комора на Северна Македонија, како најголем и најбројна бизнис-заедница, и натаму останува доследна на својата определба да им помогне на компаниите на слободниот пазар на електрична енергија, со кои ја делиме судбината од почетокот на енергетската криза. Комората и натаму ќе биде во дневен контакт со нив, ќе предлага решенија и ќе биде активна и кооперативна за да се дојде до решение, бидејќи е убедена дека тоа е во интерес не само на бизнисот туку и на самата држава, се наведува во соопштението.

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека до крајот на месецов треба да биде финализиран пакетот мерки за помош на компаниите што се на либерализираниот пазар.  Владата се обидува да најде начин дел од компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија да бидат вретени на регулираниот, но тоа да не предизвика дополнителни трошоци кои би влијаеле на зголемување на цената на електричната енергија од 1 јануари идната година за домаќинствата и 72-те илјади компании кои се веќе на регулираниот пазар.

Министерството за економија во комуникација со компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија веќе изработи предлог дел од нив да бидат вратени на регулираниот пазар и да бидат снабдувани директно преку ЕСМ продажба со цена пониска од берзанската.

-Овој предлог го разгледувавме и со стопанските комори, компаниите од прехранбената индустрија и индустриите кои имаат производство наменето за широка потрошувачка за граѓаните со цел да го намалиме ценовниот притисок. За ова веќе е разговарано и со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и штом РКЕ ќе ги финализира своите пресметки во однос на можностите на регулираниот пазар ќе биде понудено решение, информираше вчера премиерот Димитар Ковачевски.

18.10.2022 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега