Штериев: Капиталните добивки се уште не треба да се оданочуваат
Во предвечерие на најавената даночна реформа околу „жешкото“ прашање за оданочување на капиталните добивки од тргување со хартии од вредност како Македонска берза имаме јасен став – капиталните добивки се уште не треба да се оданочуваат, рече главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје Иван Штериев во обраќањето на 21. Годишна конференција на Берзата, што се одржува денеска во Охрид.
Штериев посочи дека тајмингот да се започне со ова е многу неповолен со оглед на влошените состојби на пазарот. Физичките лица креираат повеќе од 60 проценти од овогодишниот куповен промет и овој данок, како што рече, ќе биде значаен удар за и онака кревкиот и плиток пазар.
Според него, кај законските решенија што се моментално во сила и кои никогаш не се тестирани во пракса, има простор за доработка и за подобрување. -На пример, според сегашната поставеност, за секое купи-продај на Берзата, вие треба веднаш да пријавите и да платите аконтативен данок. Тоа значи, доколку сте поактивен трејдер на Берзата, вие, настрана данокот којшто ви го намалува приносот, ќе имате и голем фреквентен административен товар. Дополнително, во вака замислената даночна постапка има обврски и одговорност за брокерите кои и онака не се идеално екипирани. Мора за ова да најдеме поелегантни, поедноставни и централизирани решенија, рече Штериев.
Тој укажа и дека треба да се направи адекватна дистинкција помеѓу краткорочното или т.н. шпекулативно тргување и долгорочното инвестирање. Според сегашното решение капиталната добивка не се оданочува единствено ако ги држите хартиите од вредност многу долги 10 години. Во многу јурисдикции, посочи Штериев, овој период е многу пократок, на пример, 12 или 24 месеци.
-Сето ова е веќе искомуницирано со Министерството за финансии и се надеваме дека нашите аргументи за продолжување на неоданочувањето на капиталните добивки ќе бидат земени предвид, рече Штериев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа