„Бисерот на Балканот" - „Форбс“ објави специјална едиција за Македонија

Влијателниот магазин „Форбс“, подготви специјална едиција посветена на Македонија и економските перформанси што ги поседува земјата. Во текстот Македонија се нарекува Бисерот на Балканот, крстосница на големите светски цивилизации: Античката македонска, римската, византиската и отоманската.

- Денес, нацијата, која постигна независност во 1991 година, го задржува своето мултикултурно наследство и под водство на премиерот Никола Груевски изгради отворен, про-инвестициски бренд, како бизнис рај  во Европа, се посочува во текстот на „Форбс“. Авторот додава и дека Македонија може да се пофали со локација на помалку од 2.000 километри оддалеченост од повеќето европски престолнини, исто така е во близина на Северна Африка, Азија и Блискиот Исток, и поседува одлична инфраструктура и исплатлива работна сила.

Како тоа да е недоволно, македонската про-бизнис Влада ги спроведе мерките за стимулација на инвестициите, договорите за слободна трговија и правните гаранции за да биде уште повеќе профитабилна и конкурентна за потенцијалните инвеститори. Уставот гарантира непристрасен третман на странските инвеститори, вклучувајќи и 100% сопственост, целосна заштита на правата и без ограничувања во однос на профитот. Странците можат да купат и инвестираат во недвижности. Македонија е членка на Мултилатералната агенција за инвестициони гаранции (МИГА) и има склучено договори за заштита на инвестициите со многу земји во светот. При отворање на бизнис, едношалтерските и онлајн системи, овозможуваат регистрирање на компанија за само четири часа. Модерните закони за работни односи придонесуваат за флексибилно работно место, а издатоците и оперативните трошоци се пониски од оние на соседните земји. Инвеститорите имаат максимална корист од рамниот 10-процентен данок на добивка и персоналниот данок на доход, се наведува во текстот.

- Со население од нешто повеќе од 2 милиони, од кои четвртина живеат во главниот град, Скопје, Македонија можеби е скромно димензионирана, но нејзините глобални амбиции дефинитивно не се, оценува авторот. ЕУ и додели кандидатски статус на Македонија во 2005 година, а сите критериуми за членство во НАТО ги исполни во 2008 година. Иако спорот со Грција околу употребата на името сè уште претставува бариера, Македонија неодамна доби пофалби од ЕУ за нејзината демократија, правен систем и економија, и, како што наведува весникот, останува на вистинскиот пат за интеграција во двете организации, наведува весникот.

Премиерот Груевски одговарајќи на прашање на весникот вели дека „Влада која е отворена за комуникација, а во однос бизнисите преставува доверлив партнер за реализација на заеднички проекти што ќе придонесе за економскиот напредок на земјата и граѓаните. Во овој поглед, Владата, спроведува активни мерки и проекти и постепено ја менува слика за македонската економија. Денес, бизнисите во земјата укажуваат на јасната разлика меѓу минатото и сегашноста. Во извештајот на Светската банка „Дуинг Бизнис 2013“ Македонија се рангираше на повисоко место од 21 од 28 земји-членки на ЕУ, а PricewaterhouseCoopers, во својот извештај „Плаќање Даноци 2013“ ја стави на Македонија на 24-тото место како земја која има „најпријателски“ однос кон данокот споредена со земјите во светот. Економијата беше и ќе остане нашиот најголем приоритет“.

На прашањето кои други предности ги нуди Македонија, премиерот вели: едно лице кое ќе инвестира над 400.000 евра (околу $ 535,000) и ќе вработи најмалку десет лица има право на македонско државјанство. Лице кое ќе инвестира повеќе од 40.000 евра во недвижен имот (околу $ 53.500) може да добие престој во државата. Ова можеби не е релевантно за инвеститорите од САД или Западна  Европа, но тоа би можело да биде многу значајно за инвеститорите од новите економии.

Инаку, кон крајот на месец септември во рамките на економскиот дел од посетата на Соединетите Американски Држави, Груевски ја посети корпорацијата „Форбс“ каде што имаше и средба со нејзиниот потпретседател Кристофер Форбс.

01.12.2013 - 13:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега