Од 200 машиновозачи штрајкуваат само петмина - нема да има прекин во железничкиот сообраќај

 

 Железничкиот сообраќај се одвива без прекини и ќе продолжи да се одвива така и покрај штрајкот на Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија (НСММ), истакна првиот човек на МЖ „Транспорт“ Оливер Деркоски на денешната прес-конференција.

Според Деркоски, нема да се реализира најавата од НСММ за целосен прекин на железничкиот сообраќај денеска напладне.

- Возовите нема да запрат. Има и други машиновозачи во претпријатието во кое функционираат шест синдикати, истакна Деркоски.

Тој вели дека во претпријатието има вкупно 200 машиновозачи помошници, а во штрајкот се вклучени само петмина.

Како што вели директорот Деркоски, со сите синдикати во МЖ „Транспорт“ се воделе преговори за склучување на колективниот договор кои биле при крај, но оти само Независниот синдикат на машиновозачите се повлекол од преговорите и настапил со радикални чекори.

Коментирајќи ги барањата на Штрајкувачкиот одбор, наведе дека промената на работните позиции на машиновозачите за кои се реагира не е причина за толкав револт и оти немало проблем и од страна на луѓето што биле прераспоредени на други позиции. Платата во МЖ „Транспорт“, посочи Деркоски, се исплаќа двапати во месецот, првиот дел на 25-ти во месецот, а вториот дел од 5-ти до 7-ми.

- Се надевам дека ќе преовлада разумот и оти Независниот синдикат на машиновозачите на Македонија ќе се врати на преговорите, истакна Деркоски.

Тој негираше дека раководството на компанијата вршело притисоци кај Синдикатот и оти има кратење на бенефицираниот стаж што, според него, се исплаќа редовно.

Во случај на штрајк, потсети Деркоски, треба да се извести Трудовата инспекција. Според него, безбедноста на возовите што вчера ја спореа машиновозачите од СНММ е тема што се отвора кога нема што друго да се каже.

Точно е дека возовите се стари, но за нивното одржување и безбедност се грижи цел тим и стоиме зад гаранцијата за безбедност, рече Деркоски..

НСММ не ги коментираа тврдењата на Деркоски, бидејќи, според нив, веќе се повикани на состанок по кој ќе информираат за натамошниот тек на своите активности.

28.11.2013 - 11:01
Фото: 
Економски.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега