Распишан оглас за 400 нови вработувања во здравството
Министерот за здравство, Никола Тодоров, кој денеска засади дрвца во Радовиш по повод "Денот на дрвото", најави нови 400 вработувања во јавното здравство.
- Со тоа што беше договорено првите 400 да бидат во првата половина од годината, а вторите 400 во втората половина, односно при крајот на оваа година. Веќе се распишани огласите за 400 вработувања во јавното здравство, од кои половина се докторски кадар, односно специјалисти или специјализанти, а другата половина се сестри, болничари, акушерки и друг медицински персона, појасни министерот Тодоров денеска по засадувањето дрвца во Радовиш, во рамки на акцијата „Ден на дрвото“.
Министерот посочи дека за неполни две години во болниците веќе се примени околу 1.200 здравствени работници, медицински персонал, болничари и хигиеничари: - Идејата со вработувања во областа на здравството е да придонесеме во зајакнување на човечкиот капитал во здравството и да не дозволиме стагнација на македонското здравство. Она што овие 400 вработувања ги карактеризира е што првпат распишуваме огласи за вработување на доктори кои што потоа ќе ги упатиме на специјализација во странство. Така се распишуваат и огласите, значи стои во огласот дека се бара лекар кој ќе се упати на специјализација во странство, а потоа ќе има обврска да се врати во Република Македонија, рече Тодоров и посочи дека докторите нема да бидат распределени само во Скопје, туку низ цела територија на Македонија и ќе имаат можност за специјализираат во Белград, Софија, Загреб, Љубљана, Нинберг, Хамбург и во поголем број градови за да донесат различно знаење и со тоа да се наметне еден натпревар.
Министерот за здравство Тодоров најави дека наскоро ќе го промовираат и проектот за изградба на новата Клиничка болница во Штип.
- Идејниот проект е веќе готов, сега се прави основниот проект, кој што треба да биде готов до крајот на оваа или почеток на наредната година, потоа следи период на ревизија и вториот дел од тендерот за градба.Практично очекуваме како што и најави претседателот на Владата, Никола Груевски некаде во февруари да започнеме со градба, изјави Тодоров додавајќи оти станува збор за многу модерен, современ концепт на градба на болница, во која што ќе има одлична функција на самата болница и добра распределба на одделенијата, што ќе помогне за подобро функционирање на самата болница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа