Ивановски уште еднаш го повика ЗНМ на разговори за законот за медиуми
Јавната расправа за Нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни услуги ќе продолжи се додека има конкретни, издржани препораки и критики, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, кој уште еднаш го повика Здружението на новинари на разговори за текстот.
- Имавме голем број состаноци со уредници, со Македонската асоцијација на новинари, упативме неколку пораки до Здружението на новинари на Македонија, но се уште не сме добиле ниту предлози од нив, ниту биле прифатени нашите пораки. Би сакал да апелирам уште еднаш, на формален или неформален начин доколку има интерес од нивна страна да дојдат и да дискутираат или, пак, да ги достават нивните предлози до нас во однос на законот за медиуми, изјави Ивановски на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.
Јавната расправа за Нацрт-текстот, според него, ќе продолжи се додека има конкретни, издржани, препораки и критики, и ние ќе продолжиме да дискутираме со сите засегнати страни. - И на почетокот рековме дека сме расположени да ја продолжиме јавната расправа за два месеци, додаде Ивановски.
Иван Мирчевски, од Групација на национални радиодифузери рече дека на средба со претставници на МИОА ги изнеле нивните забелешки за законот. Дел од нив се однесуваат на процентот на домашно продукција во првите години наспроти оној предвиден за јавниот сервис и во делот на слободата и првата на медиумите.
- Мислиме дека менаџерскиот тим не е заштитен воопшто во овие медиуми, имаме и друга дузина забелешки, рече Мирчевски.
Јавната расправа за Нацрт-законот за медиуми започна пред 40 дена.
ФОТО: Влада.мк