Груевски испрати честитка за Денот на албанската азбука
Никола Груевски лично и од име на Владата им го честита Денот на албанската азбука на Албанците во Република Македонија.
- Ова е еден од значајните празници на граѓаните со албанско етничко потекло, кој го одбележуваме согласно нашите заложби и уставно загарантираните права на заедниците кои живеат во Република Македонија. Писмото и писменоста се придобивка, но и постојан двигател на човековиот стремеж за напредок и еманципација. Тие се огледало на цивилизацијата и суштинско обележје на колективната свест и идентитетот на народите. Нивното негување претставува почитување на културните и цивилизациски обележја на народите, пишува во честитката на претседателот на Владата.
Во неа Груевски додава дека и во иднина Владата ќе остане доследна на своите политики на почитување на различностите во државата и негување на мултиетничкото општество.
- Почитувајќи ги идентитетските обележја, покажуваме дека се почитуваме еден со друг. Почитувањето од своја страна раѓа доверба, а довербата раѓа искрен пристап и заеднички напори во насока на развој и напредок на нашата држава, а со тоа и подобар живот на нашите граѓани. Искрено верувајќи во ваквите принципи, ве повикувам заеднички да работиме на нивното негување, во секој домен на нашето општество и во секој дел од нашето секојдневие, стои во честитката на Груевски по повод Денот на албанската азбука
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа